Донација во вредност од 207.000 американски долари која вклучува опрема за попречување прекуграничен криминал, компјутери, патролно возило и теренски возила ќе добие Македонија од Соединетите Американски Држави, како дел од долгогодишната соработка со Владата на Македонија во зајакнување на граничната безбедност и спроведување на законот. Опремата ќе биде донирана за потребите на Министерството за внатрешни работи – Гранична полиција, на Министерството за финансии – Царинска управа, и на Дирекцијaта за радијациона сигурност.
„Програмата за контрола на извозот и граничната безбедност (EXBS) и Меѓународната програма за помош и обуки при водење кривични истраги (ICITAP) при Амбасадата на САД ќе донираат опрема со цел зајакнување на капацитетите на граничните служби на Македонија за професионална гранична контрола и оперирање на граничните премини. Донираната опрема, исто така ќе го подобри капацитетот на овие три агенции во попречување на нелегални активности; борба против прекуграничниот криминал и тероризам; откривање радијација; и идентификација на оружје за масовно уништување и поврзани материјали“, соопштуваат од Амбасадата на САД.
Дел од опремата ќе биде изложена на 21-ви септември на граничниот премин Блаце, каде ќе има и показна вежба, а официјално на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ќе му ја примопредаде амбасадорот на САД, Џес Бејли.