Алушевски без коментар за настапот на ракометарите на СП: Фокусиран сум на Вардар!

by Fokus 12:14
12:14

Се уште е горчлив вкусот по настапот на машката ракометна репрезентација на СП во Египет и допрва ќе се прават анализи каде се погреши. Факт е дека таа смена на генерации мора да се случи и македонската јавност тоа ќе мора да го прифати со ладна глава.

Актуелниот тренер на РК Вардар и играчот со најмногу настапи за машкиот ракометен состав, Стевче Алушевски за „Фокус“ не сакаше да даде анализа, со оправдување дека е фокусиран на својот клуб.

- Advertisements -

„Целосно сум фокусиран на подготовката на екипата на РК Вардар 1961 чиј тренер сум и моето целосно внимание е токму тука. Верувам дека Ракометната Федерација на Македонија и одговорните лица многу брзо ќе дадат свое видување за настапот, бидејќи тие беа директно вклучени во самата подготовка и настап на репрезентацијата на СП. Би било неблагодарно да се коментира за нешто за кое се немаат сите информации, и не сум бил дел за да можам да знам повеќе детали кои сигурно се важни за да може да се даде една таква анализа“, изјави Алушевски за „Фокус“.

Тој додаде дека неговите клупски обврски ќе му одземат голема енергија и сите сили ги има насочено кон „црвено-црните“.

„Не очекува пеколен период во кој ќе треба да одиграме серија на натпревари, а некои да бидат и „врзани гостувања“. Многуте одложувања и проблемите со Ковид-19 ни создадоа доста проблеми во првиот дел од сезоната и сега ни претстои период во кој треба да играме на три фронта: во Лигата на шампионите, СЕХА лигата и во домашното првенство. Тоа ќе ни одземе многу енергија и ќе треба максимално да ги распоредиме силите за сите натпревари“, го заврши разговорот стратегот.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости