Алтернатива во недела ќе одлучи дали ќе остане во Владата по најавата дека Алијанса за Албанците ќе влезе во владината коалиција. Како што велат од партијата на Африм Гаши, најтесното партиско раководство е во перманентно заседание.
„Со внимание ги разгледуваме сите околности кои ги нарушуваат принципите врз кои требаше да почива Европската коалиција. Особено начинот на кој некој го потценува нашиот учинок пред 12 месеци за спас на владејачкото мнозинство, изборот на Димитар Ковачевски за Премиер и следствено обезбедувањето на почеток на преговори со ЕУ“, велат од Алтернатива.
Од таму посочуваат дека, согласно статутарните одредби, одлучиле конечниот став да го изградат на седница на Централното Собрание која ќе се одржи во недела со почеток во 16 часот, во партиското седиште во Tетово.
„Расудуваме трезвено, без емоции целосно свесни за предизвиците кои не очекуваат. Уште еднаш потенцираме дека нема да влетаме во замката што ни се подметнува. Нема да оставиме ниту минимум простор дека Алтернатива на било каков начин самата придонесе за процесите кои неминовно следат“, истакнуваат од таму.
Според одредени информации, партијата се двоуми како да постапи поради поделеност и различни мислења.