Алтернатива засега останува опозициска партија и не води никакви преговори за било какво приклучување во владата, велат од партијата за Фокус додека во јавноста се поставува прашањето дали оваа партија ќе го стабилизира владиното мнозинство кое засега брои 59 пратеници и по најавите дека бројот на пратеници од владејачкиот блок ќе се зголемува.
-Засега ние сме опозициска партија и не водиме никакви преговори за било какво приклучување во Влада. Ние ја следиме ситуацијата и согласно новите предизвици и ние ќе се произнесеме, велат од Алтернатива за Фокус.
Тоа значи дека иако засега не се преговара, можност за соработка не е исклучена во иднина.
Иако имаше најава дека партиските органи на Алтернатива викендов ќе одлучуваат за натамошната позиција на партијата, сепак оттаму велат дека за викендов не е закажан никаков партиски состанок.
Лидерот на Алтернатива Африм Гаши, пак, синоќа во телевизско гостување рече дека сега не е добро да се оди на брзи избори, но и кажа дека немаат добиено понуда од СДСМ за разговор за влез во владата.
Според него, принципиелно е прво да дискутираат со ВМРО и Алијанса, да видат кој е нивниот концепт за развој на понатамошните процеси.
-Ако имаме заеднички точки, ако се усогласуваме, мислам дека ќе продолжиме да бидеме конзистентни во тоа што сме биле досега како конструктивна опозиција итн. Но, доколку не може да се договориме, дури тогаш може да видиме што се очекува од нас, кој е новиот контекст, во тој нов контекст каде може да се најде себеси Алтернатива и, се разбира, ќе треба оваа работа да ја дискутираме во нашите партиски органи. Ние сме демократска партија со доста развиена демократија, ние не ги добиваме одлуките од еден човек или од некоја тесна група туку ја отвораме како дебата внатре, дискутираме долго, ги анализираме сите димензии и ја носиме таа одлука за која мислиме дека е во интерес на сите граѓани, рече Гаши за „360 степени“.
Од СДСМ пак за Фокус велат дека се потврдило дека мнозинството пратеници се за напредок, за задржување на вистинскиот пат, за продолжување на европските интеграции, за добри односи со соседите и стабилни меѓуетнички односи, за економска сигурност и најавуваат разговори со пратеници за зголемување на мнозинството.
-Следуваат разговори со сите демократски сили и пратеници од овој демократски, прогресивен блок, кои ги делат овие вредноси, ќе разговараме за продолжување на напредокот на земјата. Стабилноста на земјата е обезбедена. Народот може да биде спокоен, велат од СДСМ за Фокус.
По завчерашната неуспешна иницијатива на опозицијата за гласање недоверба на Владата се очекуваат следните чекори на политичката сцена со кои ќе се разјасни состојбата со мнозинството во Парламентот, носењето на Буџетот за следната година, барањето од опозицијата за брзи предвремени парламентарни избори, евентуална реконструкција на владиниот кабинет.
СДСМ за вчера најави дека ќе соопшти колку ќе брои нивното ново мнозинство, но засега нема официјални ионформации за зголемување на нивниот број на пратеници кој сега е 59.
Од опозициската партија, пак, инсистираат на брзи предвремени парламентарни избори оценувајќи дека власта е делегитимирана по резултатот од неодамнешните локални избори.
Ф.Ф.С.