Алтернатива: Начинот на кој се водат разговорите за влез на Алијанса во владата, само го разводнува блокот партии коj е за ЕУ интеграции

by Fokus

Ние немаме намера да преговараме преку медиуми како некои други партии, реагираат од партијата Алтернатива по информациите кои се појавија во медиумите околу влезот на партијата Алијанса за Албанците во владата.

„Имаме принципиелен став – кој има проблем, тој треба да ја поднесе цената за да си го реши проблемот. Најпроблематично во целиот процес е што начинот на кој се водат овие разговори, само го разводнува целиот блок партии коj е за ЕУ интеграции. Каква порака кон оние кои го поддржуваат ЕУ проектот праќа овој начин на преговори? Ако се продолжи на овој начин, останатите партии само ќе се отуѓат од овој блок“,

велат од партијата.

Алтернатива забележува дека на тој начин, не само што не се обезбедува потребното двотретинско мнозинство за уставните измени, туку и се урива кредибилитетот на „проевропските партии“.

„Не сакаме да веруваме дека некој сака да го наруши про-европскиот коалициски капацитет. Кој мисли дека лесно може да ги наруши тие принципи, ќе плати висока цена. Ние сме подготвени за сите предизвици“,

тврдат од Алтернатива.

Министерот за надворешни работи и член на ДУИ, Бујар Османи, денеска рече дека разговорите за влез на Алијанса за Албанците во Владата продолжуваат.

„Каков ќе биде исходот и текот на тие разговори не можам да кажам, меѓутоа мислам дека граѓаните очекуваат од нас барем една година од нашиот политички живот да ги тргнеме партиско-политичките интереси настрана, да седнеме и да кажеме дека оваа година е одлучувачка за наредните децении. Ќе седнеме во влада или надвор од влада и ќе ги донесеме тие одлуки. Сметам дека тој политички момент е созреан и би било во интерес на европската перспектива и на граѓаните тој заеднички план да се случи“,

рече Османи одговарајќи денеска на новинарско прашање дека токму двотретинското мнозинство е условот што го поставуваат АА за да бидат дел од Владата.

Опозициската Алијанса за Албанците (АА) утре во Куманово ќе одржи Централно собрание на кое ќе го избира новото партиско раководство (потпретседатели и секретари), а воедно ќе разговара со членството за нејзиниот евентуален влез во Владата, најавил пратеникот и член на АА, Елми Азири, за ТВ Алсат.

Одлуката, како што додал Азири, ќе биде донесена според пораката што ќе ја даде членството на партијата.

Поврзани новости