По денешната неколкучасовна расправа на Централното претседателство, Алтернатива покажа подготвеност да влезе во владата. Како што рече партискиот портпарол Орхан Муртезани, партијата го овластила лидерот Африм Гаши да влезе во преговори со актуелниот премиер Зоран Заев или евентуално новиот мандатар.
-Констатиравме дека земјата е во длабока политичка, економска, енергетска, здравствена криза. Додека го чекаме датумот за преговори со ЕУ, овој ќорсокак произведе неизвесност на политички и економски план. Како сериозна политичка партија, разговаравме за помошта што може да ја дадеме за откочување на ситуацијата – рече Муртезани.
Тој додаде дека вкупниот заклучок е дека треба да им се даде шанса на, како што рече, стабилноста и контиунитетот, за да може земјата да се надева за датум со преговори со ЕУ. Но, порача Муртезани, ќе почекаат да видат каков е концептот за надминување на кризата на СДСМ, ДУИ и другите партнери.
-Да видиме дали тие се подготвени да се откажат од дел од моќта за да се воспостави рамнотежа – рече портпаролот на Алтернатива, истакнувајќи дека конечната одлука за влез во владата, по директните разговори на лидерско ниво, треба да ја донесе партиското Централно собрание.