На својата последна седница Комисијата за хартии од вредност донесе Решение за утврдување на успешноста на понудата за преземање на Стопанска банка АД Битола, дадена од АЛТА БАНКА АД Белград.
Врз основа на извршената понуда, АЛТА БАНКА АД Белград се стекна со вкупно 345.175 обични акции, што претставува учество од 88,2852% од вкупниот број на обични акции издадени од Стопанска банка АД Битола.
Заедно со акциите што веќе ги поседува (19.439 обични акции) АЛТА БАНКА АД Белград има вкупно 364.614 обични акции, што претставува учество од 93,2571% од вкупниот број на издадени акции од Банката.
Банката од Белград, за која тамошните медиуми пишуваа дека е миленик на претседателот Александар Вучиќ, депонираше ококу 22,8 милиони евра (1,403 милијарди денари) на посебна на посебна сметка во Централниот депозитар наменети за преземање на Стопанска банка Битола, односно за сите 371.538 обични акции.
Акционерите имаа време до 10 октомври да одлучат дали своите акции ќе му ги продадат на заинтересираниот купувач по единечна цена од 3.777 денари. Алта банка веќе поседуваше 19.439 од овие банкарски акции или 4,97 проценти.
Понудата ќе се смета за успешна доколку се продадат најмалку 273.795 акции или 70,03 отсто од вкупно издадените, а во овој случај банката дојде до 88,09 отсто од капиталот.
Најголем акционер во банката беше Пелистерка со 16,99 проценти. Со по 4,99 проценти следуваа Никола Јанковиќ, Јовица Ќурќиќ и Тони Јосифовски; а потоа Ненад Јосифовиќ (4,93%), ДПТУУ Тимох (4,86%), ОРКА Холдинг (4,68%), НЕТ-Електроникс Владимир (4,15%) и Скопски пазар (4,10%). Оваа листа произлегува од акционерската книга со датум од први септември.
Пред точно една година, Комерцијална банка сакаше да ја преземе во целост банката од Битола и нудеше по 3.200 денари за акција, но преземањето не беше поддржано од најголемите мнозински акционери.
Со оваа аквизиција, српската финансиска институција значително го проширува своето присуство во регионот. Според податоците објавени на сајтот на Народна банка на Србија АЛТА ГРУП ДОО Белград е сопственик на Алта банка со вкупен процент на право на глас од 100 отсто. Претседател на Управниот одбор на банката е Давор Мацура.
Фокус“ пишуваше неодамна за Алта Банка од Белград чиј сопственик, според пишувањата на српските медиуми, е близок до претседателот Александар Вучиќ.
О.К.
Блиска банка до Вучиќ сака да ја преземе Стопанска банка Битола за 24 милиони евра