Стопанска банка Битола има издадено вкупно 390.977 акции. Доколку сите акционери ја прифатат понудата, српската Алта банка вкупно ќе треба да плати 24,01 милиони евра за Стопанска банка Битола. Пред точно една година, Комерцијална банка сакаше да ја преземе во целост банката од Битола и нудеше по 3.200 денари за акција, но преземањето не беше поддржано од најголемите мнозински акционери. Доколку трансакцијата се реализираше, за сите акции ќе беа платени 20,34 милиони евра.
.
Пишува: Орце КОСТОВ
Српската банка Алта банка АД Белград ја објави својата намера да упати јавна понуда за целосно преземање на Стопанска банка АД Битола. Банката од Белград ќе достави понуда за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола. Понудената цена по акција изнесува 3.777 денари.
Алта банка АД Белград, заедно со поврзаните лица, поседува 19.439 обични акции или 4,97 отсто од вкупниот број обични акции издадени од Стопанска банка АД Битола.
„Согласно член 26-а став 3 од Законот за преземање на акционерските друштва, напоменуваме дека, покрај согласностите што се потребни од домашните овластени органи, тела и институции, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на претходната согласност од Народна банка на Република Северна Македонија, давањето на понудата за преземање е условено со претходно одобрување на стекнување од страна на Народна банка на Србија („странско одобрение”)“, укажуваат од банката од Битола во соопштението објавено на Македонска берза.
Оттаму додаваат дека одобрување од Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Србија веќе е добиено и посочуваат дека доколку странското одобрение не биде добиено, намерата ќе се смета за повлечена и нема да биде дадена понуда за преземање.
Претходно, потврда во врска со можното преземање на Стопанска банка АД Битола стигна од Комисијата за заштита на конкуренцијата, каде што пристигнало известување за концентрација со која Алта груп ДОО Београд ќе стекне контрола над Стопанска банка Битола.
Битолската банка е една од регионалните комерцијални банки на македонскиот пазар со долга историја на деловна активност и силно присуство во областа на финансиските услуги – прибирање депозити, одобрување кредити, платен промет, електронско банкарство…
577 ДЕНАРИ ПОВЕЌЕ ОД КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА
Алта банка има намера да ги преземе сите акции, односно на 100 отсто од акционерскиот капитал, а за секоја акција нуди цена од 3.777 денари за акција, што е повеќе од просекот од 3.230 денари за акција според податоците од Македонска берза.
„Известуваме дека Управниот одбор на Стопанска банка а.д. Битола, на ден 20.5.2025 година, согласно член 22 став 1 од Законот за преземање акционерски друштва доби известување од Алта гроуп ДОО Београд дека има намера да даде понуда за преземање до 100 отсто од обичните акции со право на глас издадени од Стопанска банка а.д. Битола. Понудата за преземање до 100 отсто од обичните акции со право на глас издадени од Стопанска банка а.д. Битола ќе биде дадена по цена од 3.777 денари по акција“, се вели во објавата.
Стопанска банка Битола има издадено вкупно 390.977 акции. Доколку сите акционери ја прифатат понудата, српската Алта банка ќе треба да плати вкупно 24,01 милиони евра за Стопанска банка Битола.
Пред точно една година, Комерцијална банка сакаше да ја преземе во целост банката од Битола и нудеше по 3.200 денари за акција, но преземањето не беше поддржано од најголемите мнозински акционери. Доколку трансакцијата се реализираше, за сите акции ќе беа платени 20,34 милиони евра.
Понудената цена беше приближна на цената по која во тој период се тргуваа акциите на банката на берзата. За да биде успешна понудата беа потребни минимум 67 проценти плус една акција, што е релативно висок праг за успешна трансакција.
За понудата на Комерцијална банка позитивно се изјаснија 149 акционери, во чија сопственост биле вкупно 176.154 обични акции, што претставува околу 45 проценти од вкупно издадените обични акции на Стопанска банка Битола. На крајот на септември минатата година, понудата за преземање беше прогласена за неуспешна, со што се затвори целокупната постапка.
Според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност, заклучно со 26.5.2025 година, единствен акционер што поседува над пет проценти од акциите во Стопанска банка Битола е компанијата „Пелистерка“. Мнозински акционер во „Пелистерка“ што поседува 89,6 проценти од акциите е трговското друштво за вработување на инвалидни лица за производство и трговија „ЦИП ПРОДУКТ“ ДООЕЛ Скопје зад кое стои бизнисменот Цветан Панделески.
Инаку, просечната цена на акциите на Стопанска банка Битола се зголеми од почетокот на годината досега, од 3.000 денари на 3.400 денари, а врв од 3.920 денари по акција достигна на 29 април годинава.
Банката лани оствари оданочена добивка од 2,6 милиони евра, додека во 2023 година работеше со загуба од три милиони евра.
РАСТ СО БРЗИНА НА СВЕТЛИНАТА
Алта банка е комерцијална и инвестициска банка со седиште во Нови Београд, во главниот град на Србија. Основана е во 1979 година како ЈУБМЕС банка, а во 2020 година го смени името во Алта банка по промената на сопственичката структура.
Како што сега стои на веб-страницата на банката, вкупниот акционерски капитал на Алта банка а.д. Белград се состои од 417.042 обични акции, а сите акции се во сопственост на правното лице, акционер „ALTA PAY GROUP doo“.
Сопственик на Alta Pay Group е српскиот бизнисмен Давор Мацура. Тој е и претседател на Управниот одбор на Алта банка, а покрај тоа е и активен во финансискиот сектор во регионот. Под негово раководство, Alta Pay Group стана 100 отсто сопственик на Алта банка.
Во 2024 година, нето-добивката на Алта банка изнесуваше близу 13 милиони евра. Додека, пак, една година претходно, 2023 година, Алта банка оствари нето-добивка од 9,4 милиони евра, што значи дека лани банката имала сериозен раст на добивката во однос на 2023 година. Во 2023 година, пак, во однос на 2022 година, добивката на банката е зголемена значително, бидејќи во 2022 година, профитот на Алта банка изнесувал само 450 илјади евра. Во 2020 година, банката имала вкупна актива од 201 милион евра и капитал од 34 милиони евра.
Во 2020 година, банката имала вкупна актива од 201 милион евра и капитал од 34 милиони евра. Бројот на филијали што ги има Алта банката во Србија е девет, а нејзиниот приближен број вработени изнесува 235.
СОПСТВЕНИК БЛИЗОК ДО СРПСКА НАПРЕДНА СТРАНКА
Во 2024 година, Електростопанството на Србија (ЕСС) ги информираше граѓаните во Србија дека сметката за плаќање се менува. Електричната енергија ќе се плаќа на сметката на Алта банка, во сопственост на Давор Мацура, кој, според бројни медиумски извештаи во Србија, е човек близок до Српската напредна партија.
Мацура, кој успеа да ја наметне својата банка на државата и да потпише договор со ЕПС, е познат во деловниот свет со децении и е близок до властите. Мацура влезе во деловниот свет пред неколку децении со менувачници, а денес ЕПС наплаќа електрична енергија преку својата банка, пишуваше „Нова.рс“.
Сопственикот на „Алта пеј груп“ и претседател на Управниот одбор на Алта банка има дури 15 компании во Србија, а неговиот бизнис, кој е поврзан со владејачката партија, постигна вртоглав напредок за време на владата на СНС. Најдобар пример е Алта банка, која, на пример, постигна 22 пати поголем раст во 2023 година отколку во 2022 година.
Најстарата или најрано основана компанија на Давор Мацура е Форум визија од 1979 година за дизајнирање и производство на далноводи и други енергетски постројки. Во 2008 година, отворајќи ја првата менувачница под името Алта, а набрзо стана претседател на Здружението на менувачници на Србија. Потоа ја отвори компанијата Алта голд, која се занимава со злато, а потоа и неколку помали компании поврзани со промет на готовина и стока.
Јавноста првпат слушна за сега познатиот Мацура кон крајот на 2021 година, кога тој и неговата компанија АБЛ Солвент го купија деловниот комплекс ИМТ во Нов Белград за околу 70 милиони евра или 8,3 милијарди динари. Според податоците од тоа време, оваа компанија на Мацура немала ниту еден вработен и се наоѓала во стан на адресата – Угриновачка 212.
Мацура е сопственик и на компанијата „Campari International“, која е регистрирана за изградба на станбени и нестанбени згради. Според податоците добиени од „Форбс Србија“, Мацура е сопственик и на компанијата „Al Stone“, која се занимава со издавање под наем и управување со сопствени или изнајмени недвижности.
Не е првпат компаниите што работат во рамките на Алта групацијата да учествуваат во проект поврзан со државата и јавниот сектор. На пример, во летото 2024 година, оваа компанија доби тендер за финансиски услуги за плаќања за превоз во Белград.
Според „Форбс“, „Алта групацијата“ добила и субвенции од државата за изградба, реконструкција и проширување на хотели во Белград за потребите на изложбата ЕКСПО 2027. Исто така, што е исклучително необично, шалтерите на оваа банка се наоѓаат во полициски станици.
Што се однесува до Мацура, неговата експертиза и образование, во официјалната биографија се наведува дека сопственикот на „Алта групацијата“ има докторат по менаџмент и бизнис, но универзитетот на кој дипломирал не е споменат во ниту еден јавно достапен документ.
Неговиот бизнис е поврзан и со парцели во Дедиње, во област каде што луѓе блиски до владејачката партија градат луксузни вили.
Преку „Алта пеј“, во 2024 година, Мацура се обиде да го прошири својот бизнис во ЕУ и да купи речиси 20 проценти од австриската Адико банка. Сепак, реакцијата на Европската централна банка беше остра и во август истата година, гласот на „Алта пеј“ беше суспендиран поради сомневање со прекршување на процедурите, нетранспарентно потекло на капиталот и непријавено преземање на контролата.
Според истражувањето на БИРН, Мацура, преку неговата компанија „Даница парк“, бил сопственик на две парцели земјиште, кои сега се во сопственост на Никола Петровиќ, кумот на Александар Вучиќ. Тие, исто така, напишаа дека истата компанија била инвеститор на згради што сè уште се градат на земјиштето на сопругата на Звонко Веселиновиќ и на земјиштето на Милан Радојиќ и неговата сопруга Ема.
ЈУМБЕС БАНКА
Алта банка првично се викаше Јубмес банка, која беше основана во 1979 година. Во октомври 2018 година, министерот за финансии, Синиша Мали објави дека државата ќе го продаде својот удел во Јубмес банка до крајот на годината и дека се „подготвени да продаваат банки“.
Вкупната пазарна вредност на Јубмес банка беше проценета на приближно 25,7 милиони евра, а на почетокот на 2019 година, „Алта пеј груп“, во сопственост на Давор Мацура, купи државни акции за околу 5 милиони евра.
По продажбата, Јубмес беше ребрендиран и стана Алта банка. Подоцна, Мацура купува уште 36,1 проценти од акциите од малцинските акционери, а во септември 2021 година, уште 12 проценти, со што стана сопственик на 84,1 проценти од акциите на банката. На крајот, Давор Мацура презеде целосна контрола преку неговата компанија „Alta Pay Group“, ги купува преостанатите акции и станува целосен сопственик на Алта банка.
Текстот е објавен на 27 август 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.560.