Самитот за Западен Балкан, инициран од канцеларката Ангела Меркел, кој од регионот се очекуваше со огромно внимание и надеж, заврши со усвојување на декларација во 18 точки, кои претставуваат домашни задачи за учесниците во самитот.
Пред нејзиното презентирање, германската канцеларка Ангела Меркел, на заедничка прес-конференција со шефот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо и со албанскиот премиер Еди Рама, експлицитно, уште еднаш ја потврди европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Меркел очекува до 2018 година, земјите од регионот да ги забрзаат реформите и најави дека секоја година ќе се одржува самит. Следната година ќе биде во Австрија, каде што ќе се гледаат резултатите од сработеното, а веројатно ќе се даваат и нови задачи.
Европа сериозно очекува периодот 2014 -2018 година да бидат четири години на вистински напредок. Сериозноста се гледа во тоа што ЕУ вети 12 милијарди евра до 2020 година за инфраструктурни проекти за земјите од регионов (од Словенија до Албанија).
СО КОГО СИ ИМАТЕ РАБОТА!
Ова е уште една историска шанса што ја имаат земјите од Западен Балкан и суштински, а не само географски, да станат дел од ЕУ. Тоа подразбира да станат правни држави со економски одржлив развој, со гарантирање на човековите права на своите граѓани и социјална заштита за да има секој човек загарантиран достоинствен живот.
Од друга страна, Ангела Меркел има одлична шанса конечно да го интегрира и овој регион, откако завршија сите војни, промени на граници и безбедносни ризици. Сепак, работата нема да ѝ биде лесна.
За разлика од конструктивните Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово, не смее да ги потцени БиХ и Македонија. За жал, во овие две земји има двајца моќно деструктивни лидери, Додик и Груевски, кои едноставно не сакаат во ЕУ и во НАТО, па ако овие проблеми бидат потценети, тогаш сигурно дека со овие две земји ќе нема успех.
Впрочем, Македонија веќе требаше да биде во ЕУ, а БиХ да има кандидатски статус. Кога ќе ја слушнете изјавата на Груевски за самитот во Берлин и кога ќе ги прочитате заклучоците од самитот, тогаш ќе ви биде јасно со кого си имате работа! Се надевам дека новата германска амбасадорка со внимание ќе ја погледне неговата изјава, во која Груевски вели дека во политичкиот дел единствен проблем е спорот за името, за кој е побарано да се реши што поскоро.
Со тоа е негирано дека во Македонија има проблеми со корупцијата и организираниот криминал, зависното судство, отсуството на улогата на опозицијата во политичкиот живот, екстремно тешките услови за функционирање на граѓанското општество, како и отсуството на наведените предуслови: плурална медиумска сцена, независни синдикати и економија ослободена од политички притисоци. За решавање и на овие проблеми е потребна политичка волја на власта, дури поголема од онаа за решавање на името, затоа што ова зависи само од нашата влада.
ГРУЕВСКИ ЌЕ МОРА ДА ОДГОВАРА ЗА СЀ ШТО СТОРИЛ ВО ОВИЕ ОСУМ ГОДИНИ
Новата германска амбасадорка би можела лесно да ја најде изјавата на Груевски по самитот во Берлин во емисиите на медиумите со национална концесија, објавени на 29 август, па нека ја спореди со заклучоците од Берлин и нека види во колку медиуми е објавена изјавата на премиерот и во колку медиуми коректно можете да се информирате за заклучоците од самитот.
Македонија, со Груевски и со фамилијата на чело, нема да го реши името, ниту ќе ги тргне рацете од судството, синдикатите и економијата, ниту ќе се справува со организираниот криминал и корупцијата, ниту ќе ја одвои партијата од државата, ниту ќе дозволи да има доволно слободни медиуми! Зошто? Па, тоа се столбовите на неговата авторитарна власт, кои го одржуваат да владее, и покрај огромната сиромаштија, огромната невработеност и најмалите просечни и најмалите минимални плати во Европа. Знае Груевски дека барем два срушени столба од овие горе ќе му ja срушaт власта, а по неговата смена ќе мора да одговара за сѐ што сторил во овие осум години.
Ако Груевски и Ахмети не можат да обезбедат функционална демократија, зошто се толку важни за ЕУ и за САД? Гарантираат безбедност?! Во политиката „морков или стап“ со Груевски и Додик ќе треба внимателно да се одбере што ќе биде стапот и каде, колку и како ќе се мава. Убеден сум дека се спремни да креираат и воени конфликти само утре да нема кој да ги гони за корупциските скандали…
Во секој случај, го поздравувам самитот во Берлин, се надевам дека целите ќе бидат остварени и конечно Западен Балкан, покрај безбедноста, да обезбеди и одржлив економски раст.
Посакувам Македонија да биде повторно просперитетна земја со функционална демократија и одржлив економски развој, како и БиХ да биде земја со нов Устав, кој ќе обезбеди функционална држава и економски развој за сите граѓани. А Берлин не смее да ги потцени Груевски и Додик, барем не поради сите оние кои во овие земји се залагаат за европските, наспроти путинските вредности.