Во наредните неколку недели ќе се формира нова партија на Албанците во Македонија, открива Зеќирија Ибрахими научник од скопскиот Институт за духовно и културно наследство на Албанците за порталот „Алмакос“.
Ибрахими е еден од основачите и тој најавува дека партијате ќе работи на долги патеки, а формирањето на овој политички субјект се договарал веќе подолг период.
– Ако направиме еден краток осврт на пристапот со кој нашите претходници стапиле на политичката сцена кај Албанците, ќе видиме дека тие се разликуваат само по тоа како артикулираат едно или друго прашање. Во суштина тие се исти. Едниот вреска, додека другиот шепоти. Всушност, ни едниот ни другиот не кажуваат нешто неочекувано! Или, во одредени ситуации зборуваат за патриотизам, нормално кога се помеѓу Албанците, а зборуваат за унитарна Македонија кога се со Македонците. Ова е дволичност, на која ве уверувам дека ние ќе му ставиме крај – вели Ибрахими за „Алмакос“.
Тој во разговорот ги демантира гласините дека новата партија ќе биде всушност огранок на партијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
– Ќе видите дека нашите фигури се потполно различни од тоа што сте ги виделе досега. Не може да се дозволи уште со албанската политика во Македонија да владее некој што главна цел има своја кариера и лично збогатување. Не може и не треба да се дозволи веќе со Албанците кај нас да владеат тие кои единствена храброст имаат кога ги уценуваат и преплашуваат граѓаните од својата населба, а во Владата ни збор не смеат да кажат. Не може веќе политички водачи на овој народ да бидат луѓе со толку сиромашно интелектуално ниво – вели основачот на новата партија.
Зеќирија Ибрахими во интервјуто за „Алмакос“ открива и дека новиот политички субјект во името нема да го содржи зборот партија.
– Ние ќе бидеме Движење, кое ќе се идентификува со политичко дејствување, граѓански акции, јавни дебати и политичка академија – вели Ибрахими.