Хелсиншки: Се води специјална војна против граѓанското општество

by Фокус 14:08
14:08

Човековите права, стабилноста и мирот во Македонија се во загрижувачки лоша состојба, предупредува Хелсиншкиот комитет за човекови права во најновиот месечен извештај, од каде што додаваат дека ова е и констатација на сите релевантни организации и институции во светот и кај нас.

„Системскиот напад на граѓанското општество во целост, а особено на активистите за човекови права, новинарите, интелектуалците и уметниците е без преседан. Во последно време тие напади се заоструваат преку дисквалификации, лаги и манипулации кои имаат за цел да се дискредитира секој обид да се мисли и говори поинаку од власта“, се наведува во септемврискиот извештај на Комитетот.

- Advertising -

Од Хелсиншки додаваат дека граѓанските организации во земјата со години алармираат на загрозувањето на демократијата и човековите права, но тие остануваат невидливи за јавноста поради масивната контрола на медиумите од страна на власта.

„Институциите се злоупотребени и целосно партизирани и работат исклучиво во интерес на партиите на власт. Границата меѓу институциите на државата и партиите на власт е избришана. Политичкиот дијалог е мртов со години, а нашата земја се вброи меѓу малкуте европски држави во кои се констатира постоење на политички затвореници и каде стравот да се проговори пред отворената закана од прогон и други видови притисоци од власта е силно присутен насекаде“, пишува во извештајот.

Во него се наведува и дека полицијата е милитаризирана и излегува на улиците со оклопни возила во полна воена опрема и не се воздржува од употреба на сила и бруталност за да спречи или задуши мирни протести.

„Национализмот и верската нетрпеливост што ги промовираат двете партии на власт преку злоупотреба и контрола на институциите, помалите партии и медиумите предизвикува поделби, тензии и насилство меѓу етничките и верските заедници во земјата. Сето тоа го загрозува мирот, стабилноста на Република Македонија. Без дијалог и слобода нема мир!“, порачуваат од Комитетот, од каде што јаповикуваме власта да престане со специјалната војна против граѓанското општество и да им даде простор на слободната мисла и делување, како што е пропишано во Уставот и меѓународните документи на кои се обврзала Македонија.

 

Поврзани новости