„Алкалоид“ – генерален покровител на ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“

by Фокус

Во насока на безусловна поддршка на македонскиот ракомет, позитивните придобивки кои произлегуваат од раната едукација, подигнување на свеста за спортувањето и здравиот начин на живот кај младата популација, „Алкалоид“ без двоумење реши да стане дел од проектот ракометен камп „Кирил Лазаров 7“, сметајќи го за еден исклучително значаен општествено-одговорен подвиг.

Покрај ефектите кои би биле видливи на краток рок, како што е едукацијата на младите за правилно користење на слободното време и многубројните бенефити од спортувањето, вложувањето на личниот авторитет на еден од најафирмираните македонски спортисти, Кирил Лазаров, ќе резултира и со долгорочни придобивки од типот на селекција на таленти и создавање квалитетна база на идни ракометари кои еден ден ќе ги бранат боите на Македонија, по примерот на нивните претходници.

– Спортот како институција и универзален феномен има голема улога во секое модерно општество. Во својство на Претседател на Ракометната федерација на Македонија и генерален директор на „Алкалоид АД Скопје“ сакам да истакнам дека грижата за здравјето, здравиот развој на младите генерации и придонесот кој ракометниот камп може да го даде во насока на поставување на цврсти темели за развој на националниот спорт број 1., беа едни од основните постулати поради кои ја дадовме поддршката на овој значаен проект. Познавајќи го капитенот, неговата посветеност на овој спорт и неговите максимални заложби за постигнување што подобри резултати во секој потфат на македонскиот сениорски тим, не се сомневам дека овој проект ќе биде навистина успешен – истакнува Живко Мукаетов.

„Алкалоид АД Скопје“ е долгогодишен партнер на македонското здравство и македонскиот спорт. Логото на компанијата и нејзиното мото „Здравјето пред сé“ се присутни на дресовите на македонските национални репрезентации, разни едукативни собири од сферата на здравството, разни културни и спортски настани кои на своевиден начин придонесуваат во промовирањето на здравјето на луѓето и позитивните општествени вредности. Компанијата стои и ќе застане зад сè што е најдобро од Македонија.

 

Поврзани новости