Алил Демири е осуден на доживотен затвор дека ги изрешетал четирите момчиња и рибарот

by Fokus

Алил Демири кој денеска беше уапсен во Косово по распишана потерница од Министерството за внатрешни работи два пати беше осуден на доживотен затвор како извршител на убиството на четирите момчиња и рибарот, што се случи на 12 април 2012 година.

Тогаш на ѕверски начин беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и рибарот Борче Стевковски.

И во првиот процес и во вториот судски процес се докажа дека двајцата обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои по убиството избегаа на Косово, како и Агим Исмаиловиќ кој е во затвор, со автоматски пушки и пиштол, од блиску ги изрешетале петте жртви.

Во вториот судски процес, другите обвинети во случајот познат во јавноста како „Монструм“, Хаки Азири и Фејзи Азири беа осудени на девет, односно 15 години затвор. За Сами Љута обвинението беше повлечено.

-По мое видување и чувство овде не се работи за обичен кривично правен настан. Се работи за монструозно садистичко убивање и одземање на животи на деца кои одвај станале полнолетни. Замислете ги чувствата на децата една минута пред смртта, клекнати на колена. Размислувале ли за семејството, за првите љубови, што се не им прошло низ глава во таа секунда, а тоа било и прашањето зошто ние и што лошо сме сториле, а не сме имале ни време да сториме. Какви се чувствата на родителите, во која психолошка бездна биле тие кога разбрале дека ги нема, како се чувствуваат во долго поминатите денови барајќи правда?, рече судијата Огенен Ставрев кој го водеше вториот судски процес, а сега е веќе покоен.

До второто судење дојде кога Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.

Предметот се врати на почеток, но во рацете на тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО) кое го презеде поради тоа што постоеја прислушувани разговори поврзани со предметот. „Бомбите“ во судница како сведоци ги донесоа премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, поранешните функционери Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков и многубројни други нови сведоци. Меѓутоа, ниту снимките ниту сведочењата не открија ништо ново.

 

Поврзани новости