Алијансата за Албанците излезе со пакет решенија за намалување на егзодусот на лекарите за да се спречи како што велат хаварија на здравствениот систем.
– Во последните неколку дена повторно сме сведоци на нов егзодус на лекари, овој пат од тетовскиот регион, кој ако продолжи со овој тренд во иднина ќе предизвика сериозни последици на локално ниво но и пошироко создавајќи можности за хаварија во здравствениот систем на Македонија, кој и така е болен, особено во последната деценија. Комисијата за здравство на Алијансата за Албанците внимателно го следи ова прашање и по многу анализи и обработка на информациите, во ова акутна фаза го предлага Пакетот 10 кој треба да се инкорпорира во новиот долго очекуван закон за здравствена заштита кој е во подготвителна фаза. Пакетот 10 не е волшебно стапче, но е сериозен обид и алатка за решавање на проблемот преку мотивирање на младите лекари за вработување и кариера во нивната матична земја – велат од партијата на Зијадин Села.
Во пакет – 10 решенијата се нуди во што пократок рок да се подготви електронска здравствена мапа на јавните здравствени установи за на транспарентен начин да бидат прегледни слободните работни места.
Сите млади лекари да се вработат веднаш а како главни критериуми да бидат успехот во тек на студиите и потребите на здравствениот систем на Македонија.
Сите млади истакнати лекари да се ангажираат во Универзитетскиот клинички центар во Скопје и клиничките болници во Тетово и Штип.
Во забрзана постапка да се изедначат коефициентите за платите на лекарите и судиите.
Минималната плата на лекарите да изнесува 50.000 денари, а дежурствата да се плаќаат не помалку од 3.000 денари.
На сите лекари кои изразуваат интерес за специјализација, државата да даде гаранција дека по 5 години работно искуство да можат да запишат специјализација и истата да ја почнат со целосно финансирање од Министерството за здравство како и итно да се прекинат приватните специјализации за државјани на Македонија.
Да се подобрат условите за работа, да се обезбеди правна и физичка безбедност со донесување на законот за правата на лекарите.
Лекарската комора со сиот капацитет да се вклучи во решавање на проблемот, а не да игра улога на пасивен набљудувач. Ова институција да обезбеди поволни кредити за младите лекари се со цел да се обезбедат оптимални услови за живот на младите лекари и нивните семејства.
Медицинските факултети во земјата еднаш годишно да организираат „Ден на кариерата” се со цел студентите во последните години на студии да се запознаат со можностите за вработување и напредување во кариерата во здравствениот систем на Македонија.
Владата да организира итна средба со агенциите посредници (brain-hunters) и да влијае на начинот и содржината на презентација на условите за работа на младите лекари кои аплицираат за работа надвор од државата.