Алијанса покажа заби поради неиспочитуван договор со владините партнери

Пратениците на Алијанса за Албанците одлучиле да бојкотираат една од последните собраниски седници, бидејќи не бил целосно и навремено исполнет договорот во однос на позициите на локално ниво, неофицијално дознава „Фокус“.

by Фокус

Изминаа 100 дена откако Алијанса за Албанците одлучи да стане дел од власта на СДСМ и ДУИ, што беше направено со цел да се стабилизира парламентарното мнозинство, откако владејачките партии загубија контрола врз неколку свои пратеници.

Презентирајќи ја 100-дневната работа на Алијанса во Владата, партискиот лидер Арбен Таравари деновиве рече дека подготвуваат повеќе иницијативи за борба против корупцијата и реформи во судството и воедно најави дека продолжуваат со демократски средства да го исполнат ветувањето за отстранување на 20-те проценти од Уставот.

Воопшто не ми е гајле за ДУИ. Тие имаат свој став, тие се партија за себе. Ме интересира што велиме како Алијанса за Албанците и повторувам дека ќе продолжиме со сите демократски средства да ги отстраниме 20 проценти, за кои барам поддршка и од македонските политички партии – рече Таравари.

Откако стана дел од Владата, Алијанса ги доби министерските места за здравство и правда, на чие чело застанаа Фатмир Меџити и Кренар Лога, кои го привлекоа вниманието со повеќе потези – укинувањето на директорите на клиниките, најавата за можно испраќање на осудените во случајот „Диво Насеље“ во Косово итн.

Исто така, АА доби и многу директорски и заменички-директорски места во битни институции, додека дел од пакетот биле и позиции на локално ниво, односно во подрачни единици на централни институции, како и во установи под општинска капа каде градоначалниците доаѓаат од владејачките партнери.

Меѓутоа, според информации на „Фокус“, договорот не бил исполнет целосно и навремено во однос на позициите на локално ниво, поради што најновиот владин партнер одлучил да прати порака.

Имено, како што велат собраниски извори, пратениците на Алијанса одлучиле да бојкотираат една од последните собраниски седници и поради тоа не било обезбедено неопходното мнозинство, па седницата била одложувана.

Притоа, свесно одбрале седница кога на дневен ред не биле особено важни законски решенија, со цел да се прати пораката, но да не се претера и да не се искомплицира воспоставената соработка, која, според најавите, може да резултира и со предизборна коалиција.

Неофицијално, засега партијата е единствена и нема никакви превирања, но првиот тест ќе бидат токму изборите, кога треба да се судрат аргументите дали партијата треба предизборно да соработува со ДУИ или пак треба да стане дел еден албански опозициски блок.

В.С.

Поврзани новости