Коалицијата Алијанса – Алтернатива е против одложување на пописот, рече на денешната прес конференција лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. Како што кажа тој, тие ќе сторат сѐ пописот да не биде прекинат.
-Ние како коалиција ќе направиме сѐ да го зачуваме дигнитетот на Албанците, рече Гаши додавајќи дека улога во одложувањето на пописот, покрај лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ има и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој го стори она што го стори заедно со Груевски за да го спречи пописот, денес во 2021 година е со Заев за повторно да го спречи овој процес. Тие треба да знаат дека Албанците не се сирачиња во оваа земја, постои албанска опозициона коалиција која ќе го заштити нивниот идентитет, рече Гаши.
Оваа коалиција е против одложување на регистрацијата и предупредуваат дека ќе ги искористат сите демократски средства за овој процес да продолжи.
Лидерот на Алијанса, Зијадин Села рече дека преку Бадентеровиот механизам ќе спречат промени во Законот за попис.
-На вчерашната средба на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев, беше договорено одложување на пописот и локалните избори. Но, ништо од одоговореното не може да се реализира без одобрување од коалицијата Алијансата за Албанците и Алтернатива, рече Села.
Во среда во 10 часот е закажана средба на премиерот Зоран Заев со претставници на Алијанса на Албанците и на Алтернатива на која ќе се разговара за Законот за државјанство, но и за сите останати прашања.
Средбата, како што денеска изјави премиерот, е на барања на Алијанса и Алтернатива, а на неа ќе присуствуваат и министрите за внатрешни работи и за правда. Поканети се и координаторите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и БЕСА, но од Коалицијата велат дека во прашање е доведена и утрешната средба помеѓу Заев и нејзините лидери, Зијадин Села и Африм Гаши, и можно е блокадата на Собранието да продолжи, односно и одложувањето на пописот да го затрупаат со илјадници амандмани.
– Воопшто не сме задоволни од фактот дека лидерите на македонските партии одлучуваат за политичките настани во државата без лидерите на партиите на Албанците. Државата не е еднонационална туку повеќеетничка и за битните државни одлуки треба да понесат одговорност и македонските и лидерите на Албанците. Заклучоците од вчерашната средба помеѓу Заев и Мицкоски за нас се неприфатливи. Одложувањето на пописот е од политички, а не од здравствени причини. Не прифаќаме такви одлуки, рече Села.
Тој објаснува дека до вчера Заев не отстапувал од одржувањето на пописот, за вчера, од политички причини да биде одложен за септември, а здравствената ситуација во земјава е лоша и вчера и завчера и претходно кога премиерот упорно изјавуваше дека попис во април ќе има.