Берберот Али Февзи кој стана познат во јавноста како голем хуманитарец кој секојдневно помагаше на загрозени граѓани, прекинува со хуманитарните акции.
На страницата ,,Хуманитарна организација –Биди Али” тој појаснува дека повеќе не може опстане без финансии и ова ќе биде неговата последна недела посветена на помагање.
-Балкан на турски јазик значи мед и крв, тоа го забележав и со хуманоста. Колку си добар, толку си и лош. Сакав да помагам, да се борам… Јас како бербер не можам сам да го сторам тоа, секој ден се мачам, обезбедувам храна, лекови, облека, носам по семејства… Мислам дека веќе доволно направив. Секој ден се повеќе луѓе ми се јавуваат, бараат помош, кога ќе ги одбиеш веднаш си лош – пишува Февзи на својата страница.
Тој појаснува дека видел многу луѓе кои живеат во лоша состојба, спиел само по три часа на ден обидувајќи се да им помогне на сите. Вели дека на тој начин се губи здравјето, но ќе ја завршел својата последна мисија, каде се собираат средства за операција на бебе, а потоа ќе прекинел со хуманитарните акции.
-Многу луѓе понудија помош, го зближив народот без оглед на вера и нација, и тоа многу ме израдува. Мисијата со бебето ќе ја истерам до крај и ќе прекинам со хуманоста. Сам без финансии не можам да опстанам, но тоа е реалноста и ова ќе ми биде последно. Извинете сите, да сте ми живи и здрави – напиша хуманистот.
Тој не беше достапен на неговиот мобилен телефон за коментар по повод одлуката која ја изненади јавноста.
Вчера во конкуренција од 31 номиниран учесник, победи и ја освои наградата ,,Маж на годината” на социјални мрежи, за што доби голем број на честитки и пораки дека наградата завршила во вистинските раце.
Вики Клинчарова