Алфа ТВ: Не бркаме неподобни новинари

Тврдењата на одредени медиуми дека преку процесот на технолошки вишок Алфа ТВ сака да се ослободи од „неподобните“ новинари кои биле водечки во информативната програма пред промената на сопственичката структура се апсолутно неточни и претставуваа груба манипулација на јавноста и неуспешен обид за дискредитација на Алфа ТВ, се вели во денешното соопштение од менаџментот на телевизијата.

„Од 31 вработен во информативната редакција, дури 20 се од периодот пред промената на сопственичката структура, а 11 се вработени по Јануари 2014 год. На листата на технолошки вишок има само 3 (2 новинари и 1 новинар-репортер) од вработените со подолг стаж и еден новинар-репортер од вработените во Јануари 2014. Како тоа Алфа се обидува да се ослободи од “неподобни“ новинари од периодот пред промената на сопственичката структура кога дури 17 новинари од нив остануваат на работа, а само тројца се на листата на технолошки?“, се вели во соопштението.

Во соопштението менаџментот потенцира дека законот експлицитно не наведува кои и колку критериуми да се земат во обзир при евалуацијата на вработените. Менаџментот, иако не беше обврзан, реши евалуацијата да ја врши врз 4 критериуми: 1. здравствена состојба, 2. стручна подготвка и квалификации, 3. успешност во работењето и 4. вид и значење на работното место и придонес во резултатите на работата и реализацијата на деловната политика на друштвото.

„Секој објективен може да утврди дека покрај директниот ангажман со успешноста и придонесот во работата на друштвото кои во секоја фирма се клучни при проценката на ангажманот на работниците, работодавачот ценел и други критериуми кои имаат влијание врз неговиот општ статус и позицијата на работникот во друштвото“, велат од Алфа.

Од „Алфа“ со жалење констатираат оти одредени медиуми кои изнесоа исти неточни информации, очигледно пласирани од исто место, без никакво чувство за објективно информирање на јавноста, а со цел преку сензационалност да ја зголемат својата нечитаност, негледаност и нерелевантност, упорно настојуваат еден процес кој што од секој аспект воопшто не е лесен за сите вработени во Алфа ТВ, да го стават во политички контекст за да остварат свои валкани и деструктивни цели.

„Фокус“ во петокот, кога ја пласираше информацијата за бркањата од Алфа ТВ, сосема професионално побара став и од менаџментот на телевизијата, но тогаш добивме само известување дека денеска ќе има соопштение.

„Алфа телевизија“ минатата недела ги објави резултатите од интерната евалуација според која 13 работници се вишок, а седум од тие ќе бидат новинари од дневната и од културната редакција.

Меѓу најслаборангираните новинари се Санта АргироваИскра Новаковска и Јасминка Аневска, додека во категоријата репортери меѓу најслаборангираните се Христијан Стојчевски и Љубиша Арсиќ. Се претпоставува дека токму некој од нив ќе замине од телевизијата. Новинарите за „Фокус“ велат дека од четирите критериуми во евалуацијата два биле многу субјективни, односно се оценувала успешноста во работата и придонесот на работната позиција.

– Токму поради тоа многу подобро котираат новинари кои работат една до три години во професијата, во споредба со луѓе кои се во новинарството со децении – коментираат вработените за „Фокус“.

Остатанатите што ќе се отпуштат се луѓе кои работат на технички позиции во телевизијата. Новинарите имаат право на жалба, а во рок од 60 дена телевизијата ќе одлучи кој ќе го напушти медиумот.

Поврзани новости