Најпознатиот руски дисидент Алексеј Навални, кој го обвини Кремљ дека го отрул во август минатата година, планира во недела, на 17 јануари, да се врати во Москва, јави ДПА.
По обидот за убиство со нервниот агенс „Новичок“, Навални од август веќе неколку месеци заздравува во Германија.
„Во недела, со авион на руската авиокомпанија „Победа“, треба да отпатувам за Русија“, напиша Навални денеска на Твитер.
На Инстаграм, пак, напиша дека верува дека е целосно заздравен и дека е време да се врати во Русија, и покрај бројните правни постапки што се водат против него.
Лабораториите во Германија, Франција и Шведска утврдија дека тој бил отруен со нервниот агенс „Новичок“. Европската унија воведе санкции за Русија поради труењето, пренесува германската агенција.