Христијан Мицкоски не сака избори затоа што ќе ги изгуби поради лошите одлуки и немање став на една шака луѓе. Тој сака власт ама без да преземе одговорност, реагира пратеничката Емилија Александрова која беше дел од ВМРО-ДПМНЕ, но беше исклучена од партијата по гласањето за уставните измени.
Нејзината реакција доаѓа по денешната изјава на Мицкоски во која вели дека не сака да биде мандатар и истовремено да брои жртви“.
Таа вели дека жали што ќе се изгуби шанса од ВМРО-ДПМНЕ да покажат дека можат да бидат прогресивни и конструктивни и го обвинува партискиот претседател дека сака избори ама наоѓа илјада и една причина за бегање.
„Кукавички изговор во епидемијата наместо грижа и придонес за побрзо да помине. Сака одложување на изборите а не сака функционален парламент. Пратениците избрани од народот биле поранешни, а министрите во техничката влада избрани од него со легитимитет. Ама заборавил дека техничката влада е за спроведување избори а не за бегање од нив. И најновиот денешен бисер, не сакал да биде мандатар и да брои жртви. За жал тука лежи зајакот во оваа едноставна реченица. Човекот сака власт без одговорност. Човекот сака ништо да не преземе, оти одлуките имаат последици, добри или лоши“, вели Александрова.
Таа ова го нарекува „виткање кичма“ и константно бегање од сè што, вели, е срамно за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.