Александар Стојкоски: Сакаме општина која ќе фунционира без „врски“

by Fokus

Силно верувам дека во животот можеме да направиме безброј добри дела, да донесеме безброј добри решенија, само ако при тоа не се ограничуваме на тоа кој ќе ги добие заслугите. Затоа Ве повикувам во наредниот период да дадете свои предлози и идеи за работењето на општината, бидејќи заслугата е на сите нас, вели во разговор за „Фокус“кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Ѓорче Петров за локалните избори кои се закажани за 17 октомври, Алескандар Стојкоски.

Стојкоски е доктор радиолог на Институтот за радиологија во рамки на Клиничкиот центар, долгогодишен член е на Општинскиот комитет на партијата во Ѓорче Петров и активист од УМС на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен пратеник на Собранието и член на Советот на Општината.

ФОКУС: Што е она што ве  мотивираше како млад човек и лекар, да се кандидирате за градоначалник на општината Ѓорче Петров?

Силно сум мотивиран да работам и да ги вклучам активно сите граѓани кои сакаат да придонесат во функционирањето на општината. Млад сум, имам силна енергија, имам постигнато многу резултати на професионален и приватен план, можноста да се даде нешто повеќе за општеството и државата се ретки и затоа решив во следните четири години да се вложам целосно во овој предизвик. Сакам во мојата работа како иден градоначалник да ги пресликам принципите на работа од  мојата професија, а тоа е еднаквиот пристап кон проблемите на секој поединец, емпатијата  и неселективноста во давањето помош.

ФОКУС: Каква е вашата програма и какви промени ќе им понудите на граѓаните во вашата општина?

Мојата визија се темели на три главни столба: одржливо управување и заштита на животната средина, технологии и иновации во функција на достапност на услуги за сите граѓани и одржливо планирање и реализација на инфраструктура. Сакам да направиме општина во која ќе има функционален систем, во која нема да треба да се бараат врски за уписи во градинка и училиште или да мора да имате врски за да добиете и основен документ од општината. Ова е прво прашање со кое ќе се занимавам уште од првиот ден и се надевам на брза и ефикасна реализација.  Мојот фокус како и секогаш ќе биде здравјето на сите луѓе преку заштита и развој на здравата животна средина. За таа цел предвидувам развој и реставрација на над 20.000м2 нови зелени површини низ целата општина. Сакам општината Ѓорче Петров да стане белите дробови на град Скопје . Проектот „Ѓорче Петров без кал“, проект со кој во континуирана работа ќе ги опфатиме неасфалтираните улици, согласно потребите на граѓаните,  нешто што е и секојдневна обврска во работата на општината, а за жал досега се вршеше кампањски и често за исполнувње на предизборни политички цели. Следно, а особено важно – нема повеќе да се носат детални урбанистички планови шверцерски и со брзина на светлината. Плановите ќе се носат инклузивно по широка стручна дебата со експерти и со граѓаните. На прво место ќе биде интересот на граѓаните. Ѓорче треба да се развива, но онаму каде што може и каде што нема да се загрозуваат основните човечки потреби за нормален живот. Време е Даме Груев, Волково, Ново Село, Орман, Никиштани и Кисела Јабука да добијат друга сообраќајна артерија освен мостот во Даме Груев. Ќе го отвориме Ѓорче со нови сообраќајни артерии и ќе ги решиме тесните грла.

Исто така, имаме предвидено проекти за замена на азбестните кровови на објектите на општината (градинките, училиштата и други јавни објекти), затоа што тие претставуваат сериозна закана за јавното здравје, како и проекти за енергетска ефикасност преку реновирање на фасадите на објекти кои се во критична состојба. Планираме и замена на начинот на затоплување на сите јавни објекти кои придонесуваат кон загадување на животната средина.

ФОКУС:  Дали како градоначалник би ставиле крај на партиската поделеност и би биле градоначалник за сите граѓани и нивен сервис?

Немам никаква дилема по однос на ова прашање. Мојата визија е не само да ги извршуваме основните функции на општината, туку и дополнително да ја унапредиме. Силно сум мотивиран да ги вклучиме сите луѓе без при тоа да бараме било каков политички активизам и партиско експонирање. Планирам да го вклучиме целиот човечки, интелектуален потенцијал, на секој еден човек од Ѓорче, сите професионалци, занаетчии, правници, пазарџии, економисти, приватни стопанственици, инжинери, лекари, архитекти, наставници, спортисти и уметници. Знаете, годините си врват, и жално е што и после толку години, ние се уште се занимаваме со прашањата   кои се од егзистенцијална природа. Дали некоја улица треба да добие асфалт, дали треба да се направи соодветна канализација, дали треба да добиеме детска инфраструктура, градинки, училишта, игралишта, дали треба да се подобри состојбата со хигиената или зеленилото и слично. Ова се основни функции и надлежности на секоја општина. За таа цел, уште од моментот кога се нафатив да бидам кандидат за градоначалник, со мојот тим, кој е инклузивен, и вклучува лица со големо и разнолико искуство, создадовме програма и визија како да се подобри квалитетот на живот на жителите на општината.

 ФОКУС: Дали сте запознаен со проблемите во општината, нудите ли решенија за помладите, повозрасните, учениците родителите итн?

Изминатиот период мојот тим и јас, собравме над 1.000 идеи од граѓаните, изминатиов период примив стотици, стотици пораки, остваривме многу средби со поединци и групи на граѓани кои имаат големи проблеми за кои никој не нашол време да ги слушне , ниту пак понудил решение во изминативе години. Во периодот од 2009 до 2014 година јас бев и Претседател на советот во општина Ѓорче Петров и добро сум запознаен со процедурите и работењето во самата општина.
Силен фокус во работењето ќе ставам на зголемување на постоечките и изградба на нови капацитети на детските градинки, воведување на јавно достапна листа за упис на дечињата( со заштита на личните податоци) со цел да се спречат манипулациите и да се подобри транспарентноста на самиот процес.
Посебен акцент ќе ставам и на неформалното образование на учениците во насока на изучување на нови вештини од ИТ секторот, како и соодветни награди за учениците со остварени врвни резултати на државни и меѓународни натпревари.Подобрување на условите во училиштата како  и нивна  реконструкција, обнова на санитарните јазли, замена на азбестните кровови.Младите луѓе ќе добијат содржини, услови, проекти и простор за работа. Секое населено место ќе добие содржина која ќе ги исполнува овие потреби, а наскоро ќе видите и визуелизација на овие решенија. Сериозно ќе пристапиме и на најискусните, на пензионерите. Здружението на пензионери ќе ме има како прв соработник и пријател. Да ги удостоиме со достоинствени услови за нивните пензионерски денови. Ќе ги кренеме пензионерските клубови во секое населено место на едно повисоко ниво. Возрасните лица заслужуваат достоинствен третман од страна на општината.

 

Соња Танеска

 

Поврзани новости