Комисијата за избори и именување донесе едногласна одлука претседател на ДИК да биде Александар Чичаковски. За потпретседател на Државната изборна комисија назначен е Реџеп Прекопуца. И двајцата се од експертските членови на ДИК, за кои вчера партиските лидери се договорија.
Александар Чичаковски е магистер по политички науки и има искуство во следење на изборни процеси. Бил набљудувач на претседателските избори во Украина 2007 и 2014 и во Грузија 2008. Исто така, од 2005 година до 2009 година бил правен консултант во МОСТ, а од 2009 година е судски соработник во Основниот суд Скопје 2.
Новиот состав на ДИК ќе биде надлежен за ажурирање на избирачкиот список како и негово водење. Во составот на ДИК се избрани Силвана Бонева и Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ, Виолета Дума и Игор Милев од СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ и Бедредин Ибраими од ДПА, по предлог на партиите и тројцата експерти: претседателот Александар Чичаковски, потпретседателот Реџеп Прекопуца и Атанас Урумов од Гевгелија, дипломиран правник и политиколог.