Алекс од нашето маало

by lali

Гледав документарен филм за семејно насилство направен од актери, од нашите северни соседи. Филмот заврши со потресен заклучок дека речиси секоја трета жена во тоа општество е жртва на насилство, веројатно слично како и кај нас.

Какво ли е тоа општество во кое секоја трета жена трпи насилство, во кое насилството е присутно како „домашно животно“? Зошто токму насилството стана главно обележје на Балканот? Дали ни е тоа генетски кодирано, како природен начин на уредување на нашите односи?

Kога ќе дојде каков било зорт, конфликт – удри, мавај, и надевај се дека ќе бидеш оној посилниот, што дава, а не добива ќотек! Колку од нас сѐ уште можат да го препознаат овој секојдневен „феномен,“ како нешто ненормално, нешто од што треба да се срамиме и против што со сите сили треба да се бориме?

Ако толку многу луѓе се засегнати со ова насилство што секојдневно ни е случува, веќе изгледа сме отрпнале на него. Со ваква застрашувачка статистика, дури секоја борба против насилството би можела да се изроди во уште поголемо насилство! Кога некој е тепан или психички малтретиран со години, санкционирањето на тепачот може да биде уште позастрашувачко за жртвата.

КОГА ДРЖАВАТА „ПЕРЕ“ МОЗОК

Еднаш се обидов и лично да учествувам во борбата против нашето семејно насилство, но кај нас немаше потреба од додатна „креативност“ за отворање очи зашто ние веќе си имавме кампања со билборди и гласови што се вртеа на радио, стопувајќи се во хорот на владините реклами за образование, многудетно семејство, културно однесување, здрав живот.

„Пеколен портокал“ е филм, метафора за насилството, кој ни порачува дека институционалното спречување на насилството, некогаш може да биде уште пострашно од лошотилакот на болниот поединец. Кога државата „пере“ мозок и „превоспитува“, понекогаш се создава уште поголема трагедија. Нацистичките конц-логори сведочат и нѐ потсетуваат до кој екстрем може да оди систематското и организирано насилство, во име на некоја „повисока цел“.

И кај нас лесно можат да се детектираат институционални акции за општествена „корекција“, кои освен што претставуваат организирано насилство на една група луѓе врз целото општество, служат и како средство за контрола и за елиминација на непослушните и бунтовни поединци и опозиција.

Можеби најдобар пример за нашето институционално насилство е „Скопје 2014“, спроведено врз сите свесни и разумни граѓани, кои сѐ уште имаат сила да го видат и да го препознаат атакот на државата врз единката. Намерата на институциите на оваа власт е да ги отапат, избледнат и да ги уништат сите спомени и чувства за припадност, историја, култура, уметност и наследство, како најголеми непријатели на нивниот институционален терор.

Како што на главниот антихерој во „портокаловиот“ филм – Алекс му се гади од институционалните „поправни“ методи, така и многумина од нас, со краен напор, ја држат устата затворена за да не го повратат сето она што власта ги тера да го голтаат со години. Дали „фонтаната“ ќе биде последната „голтка“ што ќе гргне низ нашите усти и ќе нѐ поплави!?

„РЕД И ПОРЕДОК“ ВО НАШИТЕ ЖИВОТИ

Се соочуваме со еден куп домашни институционални насилија, кои воведуваат „ред и поредок“ во нашите животи, кои, за жал, не се забележливи за мнозинството. Дури и влијаат стимулирачки и патриотски врз семејните односи, каде што ќотекот и психолошките тортури се средства за да се решат домашните проблеми.

Она што ни се случи на 24 декември во Собранието е клучниот момент кога насилството конечно се инсталира кај нас и со тоа стана општоприфатена појава во нашите животи. Со тоа насилникот ни стави јасно до знаење кој е овде газда. Да бидеш тепан, да ти се закануваат, да бидеш казнуван, суден, затворан, да страдаш за парче леб, да бидеш продаван како слуга, заедно со твојата земја, стана нормален начин на живот кај нас. Не е нормално, а и опасно е – да ја зборуваш вистината, да се бориш против насилство, да кажеш јавно што мислиш и да се спротивставуваш на институционалниот терор.

Сите сме жртви. Еден дел од нас знаат дека е така, но молчат. Други – не знаат, мислат така треба. Трети знаат, се бунат и укажуваат, но насилните методи на власта веќе ни го дигнаа новиот Алекс во нашево маало, па уште на коњ. Со мечот високо кренат нѐ потсетува дека наведнатата глава, сабја не ја сече. И кога мислевме дека е заборавен, дека влегол во историјата одбележувајќи едно одамна минато време – еве го пак истопорен пред нас, во ново руво, помлад и посилен од кога било, во овој наш „Пеколен портокал“ што го живееме и голтаме, давејќи се!

Поврзани новости