ЗНМ: Апсењето на новинарот Ибрахими е опасен преседан

by Фокус

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро реагира против приведувањето на новинарот на весникот Лајм, Бесим Ибрахими,  кој во саботата беше лишен од слобода од полицијата поради сомнение дека учествувал во насилни протести.

„Приведувањето на новинарот Ибрахими е многу опасен преседан, новинари, кои следат протести, кои се настани од висок јавен интерес, да се приведуваат под обвинение дека учествувале во нарушување на јавниот ред и мир. Новинарот Ибрахими се затекнал на местото на настанот затоа што таму бил на професионална задача по налог на уредникот да ги следи протестите. Тој категорично ги одбива сите обвинувања дека бил учесник на протестите и дека ги попречувал полициските службеници во извршување на службена должност“, стои во соопштението на ЗНМ.

Управниот одбор на ЗНМ изразува сериозна загриженост што во Македонија се воспоставува една крајно недемократска пракса многу лесно да се приведуваат новинари без да се обезбедуваат цврсти докази.

„Ваквото однесување на полицијата може да ги одвраќа новинарите да ги следат протестите но може и да влијае на начинот на кој медиумите известуваат за протестите и за однесувањето на полицијата“, реагира ЗНМ.

Здружението на новинарите ја поздравува одлуката на судијата во претходна постапка, кој го одбил барањето на обвинителот за определување мерка притвор.

„Ние се надеваме дека обвинителството крајно внимателно ќе пристапи кон оценка на доказите и ќе донесе соодветна одлука која ќе придонесува за обезбедување на поволен амбиент за работа на медиумите“, велат од ЗНМ.

Поврзани новости