Управата за финансиско разузнавање замрзнала средства во износ од 12 милиони евра, кои реномирана австриска компанија што делува во секторот со игри на среќа лани во декември, преку две различни трансакции, ги уплатила на сметка на компанијата „Дивелоп Груп“ за купување на казиното во рамки на хотел „Мериот“.
„Фокус“ оваа информација ја објави завчера, посочувајќи дека од овие 12 милиони евра што биле уплатени па замрзнати на сметка на „Дивелоп Груп“, 8 требало да повлече „Комерцијална банка“, која ја кредитирала изградбата на „Мериот“ со кредит од 23 милиони евра.
Како што веќе објавивме, останатите 4 милиони евра требало да им припаднат на содружниците во „Дивелоп“ – „Бест Веј Инвестмент“ на Јордан Мијалков, син на ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков, како и Александар Ивановски, кој подолго време на хартија е мнозински сопственик, меѓутоа во реалност поседува малцински удел.
Новите информации до кои дојдовме говорат дека тие склучиле договор за раскинување на партнерството во компанијата, чија реализација, всушност, зависи и од продажбата на казиното во „Мериот“, од која 2 милиони евра треба да инкасира „Бест Веј“ на Мијалкови, а 2 милиони евра се предвидени за Ивановски.
Неофицијално, покрај паричните средства Ивановски треба да добие и недвижен имот на скопско Водно во вредност од исто така 2 милиони евра, што значи дека тој за вкупно 4 милиони евра го отстапува уделот од околу една четвртина што реално го поседува, иако формално поседува околу две третини.
На тој начин, Мијалкови треба да станат единствени сопственици на „Дивелоп Груп“ и со тоа на „Мериот“. Меѓутоа, нашите сознанија говорат дека се разгледува опцијата во сопственичката структура да не влезат директно Мијалкови, туку еден добро познат лик од повеќе офшор-шеми или пак фирма од арапскиот свет.
Според нашите соговорници, тоа се прави од причина што „Мериот“ е американски бренд, а Мијалков од скоро е на црната листа на САД заедно со братучедот Никола Груевски, па би било проблематично од повеќе аспекти доколку тој или негов близок роднина стане целосен, па дури и мнозински сопственик на друштвото.
Инаку, постапката за замрзнување на уплатените 12 милиони евра ја водела УФР, од каде не ни одговорија на прашањето кои биле причините за замрзнувањето на средствата, со објаснување дека „по се она што било или претставувало предмет на работа е соодветно постапено“.
Станува збор за редовна процедура за проверка на потеклото на капиталот, во чии рамки УФР соработувало и со надлежен јавен обвинител. Сепак, како што неофицијално дознаваме, проверката е завршена и средствата се веќе ослободени. Засега, нема официјален коментар од обвинителството.
По официјален пат, испративме прашања и до „Дивелоп Груп“ и се обративме до Иво Котески, одговорно лице во фирмата ќерка „Гранд“. Но, досега не добивме одговор во врска продажбата на казиното во „Мериот“ и замрзнувањето на средствата.
Откако семејството на Мијалков ја формираше компанијата „Бест Веј Инвестмент“, прво влезе во нафтениот бизнис преку „ОМ Петрол“, а подоцна ја откупи и „Софија Градба“, со што автоматски стана дел од сопственичката структура на „Жито Полог“, „ЗК Пелагонија“ и „Здравје Радово“.
Една од компаниите каде подоцна влегоа Мијалкови беше и „Дивелоп Груп“, која беше опфатена и во случајот „Империја“, во чии рамки беше замрзнат имотот што го поседува компанијата, вклучително и уделот во „Мериот“. Сепак, Мијалков плати кеш за да не биде конфискуван овој имот.
Влатко Стојановски