Нико Китани, претставник на македонското малцинство во државниот Комитет на малцинства на Албанија, за „Мета“ вели дека наскоро националниот радио телевизиски сервис во Албанија – РТШ -2, ќе започне со емитување на емисии на јазиците на малцинствата, во кои покрај вести, ќе се емитуваат и документарни емисии, музика, репортажи, образовни емисии, серии со кои ќе се промовираат и ќе се афирмираат културата, обичаите, традицијата и сите останати вредности на малцинствата.
Во функција на претстојното емитување на програмите на РТШ -2, Китани деновиве во МРТ, разговарал со директорот Диме Ратајковски, при што му ја предочил програмата на редакцијата за емисиите на македонски јазик при РТШ – 2,- и била договорена понатамошната соработка на двете телевизиски национални куќи.
– Директорот Ратајковски ми потврди дека МРТ е подготвена да соработува и вети дека во иднина ќе ја имаме целокупната помош и поддршка од нивна страна. Средбата ја оценувам како мошне плодна, поради што сакам да искажам голема благодарност до директорот Ратајковски и до македонскиот национален сервис, со надеж дека ова е само почеток и дека во иднина соработката ќе се продлабочи – вели Китани.