Премиерот на Албанија, Еди Рама, ја понудил на користење од страна на НАТО поранешната советска поморска база Пашалиман.
Како што соопштија од премиерскиот кабинет, Албанија веќе направила проект за обнова на базата која се наоѓа на 180 километри јужно од Тирана, под Валонскиот Залив.
„Во овие опасни времиња, верувам дека генералот би можел да размисли да има поморска база на НАТО во Албанија“, рече Рама во вчерашното обраќање при доделувањето медал” Голема ѕвезда на благодарноста”на командантот на НАТО, Тод Даниел Волтерс.
Базата Пашалиман е изградена во 1950-те кога Советскиот Сојуз донесе 12 подморници и беше единствената поморска база што ја имаа во Средоземното Море.
По прекинот на врските меѓу Тирана и Москва во 1961 година, Пашалиман остана како поморска база во која се сместени четирите преостанати подморници и други помали воени бродови.