Албанија денеска ќе ѝ врати на Македонија 20 икони украдени од македонските цркви, главно од струшкиот регион, како дел од договорот за соработка меѓу двете земји што беше потпишан минатата година.
Оваа информација ја потврдија од тимот кој работи на проектот, а повеќе детали најавуваат откако иконите ќе пристигнат во земјава.
„За првпат во историјата на нашата земја е постигната успешна реституција на културното наследство благодарение на добрата соработка на владите и министерствата за култура на Северна Македонија и Албанија“, соопшти Министерството за култура.
Како што појасни министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, иконите ќе бидат соодветно спакувани за да не се оштетат при транспортот и по процесот на заштита, изложени во Музејот на Македонија, а потоа вратени во Македонската православна црква.
Во Македонија, од 2009 до 2013 година, е забележан бран насилни напади врз цркви, особено во западна и југозападна Македонија, од кои беа земени стотици икони.
Постапката за враќање на украдените икони во земјава од Албанија започна во 2013 година, а активностите се интензивирани во последните две години.
Незаконски земени икони од македонските цркви, македонските експерти случајно ги забележале во 2013 година за време на емисија со премиерот Еди Рама на албанската телевизија.