Досегашниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, вели дека новата позиција која му е доделена е позиција која директно му е одговорна на премиерот за работата. Од министер тој преминува на функцијата национален координатор за култура, културен развој и интерресорска соработка во културата.
На денешното примопредавање на кабинетот, Алаѓозовски избра да не му дели совети на новиот министер. Како што рече тој, новиот министер Асаф Адеми е свесен за ситуацијата во културата.
Алаѓозовси нагласи дека културата се наоѓа во реформски процес и од Адеми очекува политика на континуитет и реализација на донесената Стратегија за културен развој.
– Очекуваме нов колективен договор за вработените во културата. Имаме и готов предлог-концепт за нов закон за културата, така што ова е еден вид штафетно примопредавање. Ние со полна брзина ја предаваме работата и сите наши досегашни резултати и процеси на новиот министер и на новиот кабинет и очекуваме дека со истата брзина работата ќе продолжи понатаму. Целта е граѓаните и културните работници да добијат еден современ систем кој во изминатите 11 години знаеме како беше девастиран, изјави Алаѓозовски.
Тој го раководеше ресорот култура од 1 јуни 2017, односно од составувањето на Владата на Зоран Заев минатата година.