Адеми: Ќе се потрудам да креирам унитарен културен идентитет за сите

by fokus

Ќе бидам министер за сите, без разлика на нивната етничка, партиска и верска припадност. Ќе се потрудам да креирам унитарен културен идентитет за сите и да градам мостови на културна соработка меѓу сите заедници и сите граѓани во Република Македонија, изјави Асаф Адеми по преземањето на функцијата министер за култура.

Тој е прв кадар од Движењето Беса кој станува министер во Владата на Зоран Заев и функцијата ја презеде од својот претходник Роберт Алаѓозовски во кабинетот во Министерството за култура. За медиумите Адеми изјави дека со Алаѓозовски разменил мислења и идеи за тоа како да се подобри културниот живот во Македонија.

– Се согласивме дека сме на вистинскиот пат за евроинтеграција на земјата. Тоа треба позитивно да се одрази и на културниот живот во Македонија и за тоа да се реализира ќе направам максимални напори. Се согласивме и дека културниот живот почнува да се созема по неколкугодишните културни проекти што направија недобри работи во однос на мултикултурниот и мултиетничкиот живот во земјава, додаде Адеми.

Тој е градежен инженер, досега бил управен директор на канцеларијата на INSCALE Global во Скопје, а има и дипломатска кариера како поранешен амбасадор во Данска.

Адеми и Алаѓозовски не одговараа на новинарски прашања сакајќи денешната средба на примопредавање на функцијата да остане протоколарна.

Поврзани новости