Акциска контрола на 100 отпади, утврдени бројни нерегуларности

by Fokus

Полицијата претходните два дена изврши контроли на 100 отпади на територијата на државата, од кои 62 во регистрирани правни субјекти, а 38 нерегистрирани, односно „диви отпади“. Во 27 регистрирани правни субјекти и во сите 38 нерегистрирани отпади утврдени се неправилности, за што ќе следат соодветни поднесоци од страна на МВР и Државниот инспекторат за животна средина.

– На територијата на град Скопје во 36 отпади се извршени проверки, во координација со Државен пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина, при што кај 12 субјекти е утврдено дека не поседуваат дозвола за вршење на дејност „складирање на отпад“ и поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животна средина и природата со отпад“, за седум субјекти се констатирани прекршоци од страна на Државниот инспекторат за животна средина, а кај 17 субјекти се констатирани прекршоци од Државниот пазарен инспекторат. Oд страна на Одделението за криминалитсички работи Центар и Бит Пазар од еден субјект привремено се одземени предмети за кои постојат основи на сомнение дека потекнуваат од сторено кривично дело „кражба“, соопшти МВР.

На подрачјето на СВР Штип од вкупно 12 контролирани локации, кај еден правен субјект се констатирани неправилности, а 10 физички лица не биле регистрирани и не поседувале дозволи, поради што санкционирани се со забрана за работа до отстранување на нерегуларностите.

Од 15 контроли на подрачјето на СВР Битола, кај осум правни субјекти и кај седум физички лица се утврдени неправилности и ќе следуваат поднесоци, а од осум контроли на подрачјето на СВР Тетово, четири правни субјекти работеле без комплетна документација, а кај еден се констатирани неправилности по што ќе следуваат санкции.

На подрачјето на СВР Струмица од 12 контролирани отпади, за пет нелегални отпади ќе следуваат санкции, а во еден правен субјект се констатирани неправилности, за што ќе следува поднесок.

Поврзани новости