Акцијата на „КАМ маркет“, во која се подаруваше масло „Ле бон“ за секоја сметка од 800 денари, во овие кризни времиња беше осмислена со добра намера и единствено со фокус на нашите лојални потрошувачи, велат во реакцијата испратена до медиумите.
-Вакви промоции се редовна пракса во сите бранши во трговија на мало и услужни дејности, во нашата земја, во регионот и во целиот свет. Поради нарушувањата на пазарот, како последица на актуелните случувања во светот, менаџментот на „КАМ“ направи напор и успеа да обезбеди пратка од 38.000 литри масло од приватната марка „Ле бон“ за македонскиот пазар, квалитетен производ со пониска пазарна цена, се вели во реакцијата.
Како што појаснуваат одлуката да се подари целото количество во вредност од 55.000 евра, по принцип на таканаречено условено купување, била донесена од две причини: да се овозможи рамномерна достапност на овој дефицитарен производ, односно да се избегне купување големи количества од страна на помал број лица и истовремено да им се даде подарок на редовните потрошувачи како благодарност за нивната лојалност.
-Сакаме уште еднаш да потенцираме дека во времето на реализацијата на акцијата, на рафтовите во маркетите на „КАМ“ беше достапно маслото „Брилијант“ од 1 и 5 литри. Поради големата побарувачка, количините поставени на рафтовите се трошат брзо, во некои маркети побрзо отколку во другите, и можно е да помине кратко време додека тој недостиг се надополни, додаваат во реакцијата.
Од компанијата посочуваат дека во никој случај не станува збор за намерно отстранување на маслото од рафтовите.
-Свесни сме за сензитивноста на времето во кое живееме и за последиците од глобалната криза. Како компанија во чиј фокус е потрошувачот, „КАМ“ и понатаму ќе се стреми да обезбеди висок квалитет за своите купувачи по пониски цени. Ќе направиме сè што е во наша можност сите неопходни продукти да им бидат достапни во секое време, велат тие.