Акција за спречување шверц со дрога низ цела Македонија – уапсени 26 лица

by fokus

Дваесет и шест лица се уапсени во координирана полициска акција спроведена вчера и завчера. Биле извршени претреси кај 53 лица за кои постоеле сознанија дека се инволвирани во шверц со дрога и оружје. МВР соопшти дека претресите се извршени во 46 куќи и помошни простории, седум станови, пет патнички моторни возила и два деловни објекта во 29 општини и во Скопје.

Во акцијата координирана од Одделот за криминалистичка полиција, а реализирана во содејство со секторите за внатрешни работи, извршени се претреси на дом и други простории – кај три лица на подрачјето на СВР Скопје, кај пет лица – СВР Куманово, кај осум лица во СВР Охрид, кај 10 лица – СВР Битола, кај пет лица во СВР Струмица, шест лица во СВР Велес, шест лица во СВР Тетово и кај 10 лица на подрачјето на СВР Штип.

-За време на претресите беше пронајдена импровизирана мала лабораторија за производство на марихуана во Белчиште, Охридско, ќеса со семки од канабис и тегла со марихуана. Покрај ова, за време на активностите се пронајдени и одземени се: марихуана, хероин, 78 семки од растение, 19 пакувања со прашкаста материја, 18 паковки со грутчеста материја, 150 грама амфетамин, таблетки, шприцеви со течна материја, повеќе дробилки, ваги и млин, четири ловни пушки, три ловни карабини и една воздушна пушка, еден пиштол, гасен пиштол и шест куршуми, 12 патрони, 46 куршуми и 92 куршуми маневарска муниција, седум рамки за автоматска пушка и поголем износ на пари во различни валути и апоени, од кои само при претрес во Кавадарци се пронајдени 178 илјади денари кои потекнуваат од продажба на дрога, информира Министерството за внатрешни работи.

По итна постапка е поднесена кривична пријава против еден сторител за сторено кривично дело по член 215, а од страна на судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, против еден сторител во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава по итна постапка по член 215, а по редовна постапка ќе бидат поднесени 17 кривични пријави против 17 сторители по член 215 за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“, шест кривични пријави против шест сторители по член 396 за „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, против шест лица ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, како и два поднесоци по Закон за оружје.

Коодинативната акција за откривање сторители на кривични дела во врска со недозволена трговија со дрога и оружје била спроведена од Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи – Единица за недозволена трговија.

Поврзани новости