Алтернатива не одговорила на понудата за соработка од СДСМ

by fokus

Со предлогот за реконструкција на Владата што го достави премиерот, Димитар Ковачевски до Собранието Алијанса за Албанците доби три министерски места, две им зеде на Алтернатива, а едно на СДСМ. СДСМ не изгуби ниту едно министерско место, бидејќи за сметка на Министерството за правда го доби Министерството за животна средина, а ДУИ изгуби едно министерско место, тоа за животна средина.

И откако официјално е објавен предлогот за реконструкција, Алијанса не соопштува дали ќе остане во Владата.
Портпаролот на партијата и директор на МЕПСО, Орхан Муртезани за Фокус вели дека утре ќе ја донесат одлуката, без дополнителни коментари.

-За утре имаме закажано состанок на Централен совет. Утре ќе си го кажеме нашиот став, ни изјави Муртезани.

По доставувањето на предлогот, СДСМ упати порака до Алтернатива дека вратата за соработка е отворена и понатаму.

-Овие времиња се важни за европската иднина и за економските реформи и ги повикуваме да се издигнат над тесно-партиските интереси и да размислат уште еднаш. Иако Алтернатива не одговори на понудата за продолжување на соработката, партијата е добредојдена со свој придонес во европската коалиција. Во време кога имаме политички партии како Левица и ВМРО-ДПМНЕ кои активно работат против членството во ЕУ, важно е заеднички да работиме за остварување на стратешките цели. СДСМ не ги дели партиите, отворени сме за идна соработка и до други пратеници од други политички партии кои сакаат да ги поддржат реформите, економските политики и агендата на ЕУ за подобра иднина на земјата, изјави портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.

Од Собранието потврдија дека во нивната архива е примен Предлогот за реконструкција на Владата.

-Премиерот го достави предлогот за реконструкција на Владата и е примена од нашата архива. Кој ден ќе биде на седница, односно кога претседателот на Собранието ќе ја свика, ќе информираме дополнително, велат од собраниската прес-служба.

Предлогот за реконструкција на владиниот кабинет е за четворица министри и пет заменици министри, а следуваше по преговорите за приклучување на Алијансата за Албанците (АА) во владиното мнозинство.
Кренар Лога е предложен за министер за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, додека за нов министер за животна средина и просторно планирање е предложена Каја Шукова од СДСМ, на местото на досегашниот Насер Нуредини од ДУИ.

Лога ќе го замени Никола Тупанчески од СДСМ, Меџити треба да биде на местото на Беким Сали од Алтернатива, а Алиу на местото на Адмирим Алити, исто така од Алтернатива.

Со реконструкцијата се опфатени и заменици министри во ресорите одбрана, правда, земјоделство, образование и здравство. За заменик министер за одбрана е предложен Тирон Јајага од Алијанса за Албанците, а од редовите на оваа партија е и Вјолца Бериша за заменичкото место во земјоделство, шумарство и водостопанство. Предлог на Ковачевски за заменик министер за правда е Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, за здравство Маја Манолева, а за образование и наука – Агим Нихиу од ДУИ.

 

Поврзани новости