Финансиската полиција денеска ја спороведе акцијата „Геодет“ во која уапси 19 лица, од кои 9 актуелни и 2 поранешни вработени во Агенцијата за катастар на недвижности, еден сопственик на приватна геодетска фирма од Скопје и седуммина кои незаконски се стекнале со недвижен имот. Уапсените се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување, соизвршителство, примање поткуп, поднесување на лажни докази и помагање.
-Десетици катастарски парцели со вкупна површина од 139.281м2, во поширокиот реон на град Скопје, сопственост на Република Македонија се запишани на физички лица. Како основ за извршеното запишување во електронскиот катастар наведувале измислени пресуди и решенија за приватизација, наводни договори со државата кои никогаш не се склучени и секакви други документи кои во моментот ќе им паднеле на памет. Сите наводни документи (правни основи) кои се наведени како правен основ се проверени од страна на Финансиската полиција и за сите без исклучок е потврдено дека се или измислени или фалсификат, информираат од МВР.
Десетици катастарски парцели во скопско со вкупна површина од 174.184м2, сопственост на физички лица без нивно знаење, повторно со измислени правни основи биле пренесени во сопственост на други физички лица за одреден паричен надоместок. Главен организатор била Т.Б (33) до скоро вработена како дипломиран правник во скопскиот катастар, а биле вклучени и шалтерски работници, поголем број на геодети и тројца раководители.