Активни неколку пожари во земјата

by fokus

Во земјата активни се пожари во повеќе општини, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК)

Во општината Македонски Брод активни се неколку пожари. Под контрола се пожарите во селата Брест и Могилец каде гори сува трева и дабова шума.

Според ЦУК, пожарот кај Могилец може да биде пренесен во атарот на село Калуѓерец, каде исто така гори сува трева, смрека и дабова шума со што постои опасност од загрозување на селото.

„Пожарот се шири кон атарот на село Модриште каде гори сува трева и ниско стеблеста шума, но нема опасност од префрлање на пожарот кон населеното место Модриште поради природната препрека од реката Треска. Во атарот на село Локвица, месност викана Видуш гори сува трева, а на одделни места смрека.

Во атарот на село Волче месност викана Ќафа, по течението на река Волчица и во подножјето на месноста викана Челадар во правец на село Волче гори дабова шума, сува трева, лисна постилка и смрека. Пожарот постепено се шири од месноста викана Сува Гора кон населеното место Волче“, велат од ЦУК.

Во гаснењето на пожарите се ангажирани АРМ, ЈП „Македонски Шуми“- Македонски Брод, Територијалната противпожарна единица од Македонски Брод и ЈП „Македонски шуми“ од Кавадарци, кои се ангажирани за селата Могилец и Калуѓерец, ЈП „Македонски шуми“-Македонски Брод за село Локвица и месното население од Волче.

Иако во моментов пожарите се под контрола, поради високите температури во текот на денешниот ден од ЦУК велат дека не се исклучува можноста од нивно проширување.

Активен е и пожарот во атарот на селото Дреново, во месноста Дреновска Корија, општина Чашка. За гасење на пожарот ангажирани се Шумското стопанство „Бабуна“, ДЗС и два хеликоптери на АРМ.

Од ЦУК велат дека пожарот во атарот на село Богомила, месност Бела Вода, општина Чашка е ставен под контрола. Пожарот на падините на Горна Јакупица е активен, а теренот е непристапен за гасење. Ставен е под контрола и пожарот во атарот на село Человец, општина Демир Капија.

Активен е и пожар на тромеѓето меѓу селата Гудјаково-Дрен и Галиште во месноста Галишки Осој, општина Кавадарци каде преминат е пожарот од село Дрен, општина Прилеп. „Пожарот се шири од четири места и може да навлезе во старо сечиште. Ангажирани се екипи на Дирекцијата за заштита и спасување од Прилеп, Територијалната противпожарна едница Прилеп, лица од ловиште Кавадарци и вработени во Шумското стопанство „Бор“ од Кавадарци.

Пожарот кај браната Матка се уште чади, односно се гледа пламен на непристапен терен-срт (карпест дел), кој се наоѓа блиску до браната. Пожарот нема можност за ширење“, велат од ЦУК.

 

Пожари има на уште десетина други места во земјата каде од ЦУК велат дека се интервенира на терен и пожарите се локализирани и под контрола.

Поврзани новости