Активист од “Петоци за иднината” кој беше приведен: На нашиот ненасилен активизам одговорија со демонстрација на моќ!

by fokus

Поради вчерашната герила акција на активисти од “Петоци за иднината”  петмина младински активисти завршија во полициска станица. Тие со црвена боја оставија отпечатоци на влезот од Министерството за животна средина, оставајќи и порака ‘крвта на нашите деца’. Но, нивниот протест набрзо беше прекинат од обезбедувањето, а беа однесени и во полициска станица.

-Во моментот додека ги остававме отпечатоците на прозорците, а не на ѕидовите, со цел да не предизвикаме потешкотии при нивно отстранување и било каква материјална штета, дотрчаа припадници на обезбедувањето на министерството и почнаа да не влечат кон зградата. Ние не пруживме никаков отпор, затоа што нашиот основен кодекс е на ненасилно и достоинствено однесување, иако имавме право на ова, затоа што обезбедувањето не смее да си дозволи да лишува луѓе од слобода кои очигледно не претставуваат закана за безбедноста, туку само да констатира и да пријави, раскажува Иво Босилков од “Петоци за иднината” за “Фокус”.

Тој додава дека притисоците продолжиле и во полициската станица.

-Ова не беше единствената недоследност во процедурата, имаше и притисок за земање изјави без присуство на адвокат, спроведување на малолетен активист во полициска станица без присуство на родител итн. Генерално амбиент на тензија, преку интимидација и демонстрација на моќ врз група од млади луѓе што само се решиле на еден креативен начин да укажат на итноста на еколошката криза. Пристапот на безбедносните структури за нас беше преостар, едноставно диспропорционален во однос на самата акција. Остануваме на ставот дека е неопходна целосна општествена мобилизација, односно Зелена револуција, за надминување на оваа состојба. Затоа и сме разочарани од фактот што државата е способна вака ригорозно и ефикасно да се справи со ненасилен, бениген активизам, што е во тотален контраст со нејзиниот ангажман на полето на животната средина. Поради тоа сметаме и дека на некој начин се потврди таа метафора која ја напишавме на земјата, затоа што ова ги засега и тие припадници на обезбедувањето како граѓани кои го дишат овој воздух, и нивните деца, вели нашиот соговорник.

Тој вели дека нема да се повлечат од нивната борба за чист воздух.

-Ние сакаме и тие да ни се придружат во борбата, и затоа нема да се повлечеме и ќе продолжиме уште пожестоко да се бориме за чист воздух, политики за климатски промени, и здрава животна средина од која младите нема да треба да бегаат за да не се разболат од рак или други заболувања, вели Босилков.

В.В.

Поврзани новости