Ако за два дена апелација не одлучи за условниот отпуст, Кежаровски се враќа во затвор

by lali

Понеделник и вторник се последните денови кога Апелациониот суд во Скопје се очекува да се изјасни во однос на затворската казна и условниот отпуст на новинарот Томислав Кежаровски– дали тој останува на слобода или мора да ги одлежи трите преостанати месеци?

Откако апелација му ја намали првичната казна од четири и  пол години на две, на Кежаровски, откако му се пресмета притворот, му останаа уште само три месеци за одлежување. Но, тој поднесе барање за условен отпуст со оглед дека 90 отсто од казната му е истечена, а првостепениот суд позитивно одговори на неговото барање. Сепак, тоа не беше прифатливо за Јавното обвинителство кое поднесе жалба до повисокиот суд на одлуката за условен отпуст.

Практично, сега таквата одлука за условен отпуст не е правосилна, а за да има такво дејство, повисокиот суд ќе мора да се изјасни во првите два дена од наредната работна седмица.

Инаку, кога апелација ја донесе пресудата со намалени казни за сите обвинети во досието „Ликвидација“ таа стана правосилна, па полицијата уште веднаш го приведе Кежаровски и го пренесе на издржување на казната, но за кратко се премисли, па го ослободи, односно му го пролонгираше рокот до 18-ти февруари. Тоа значи дека доколку апелација не се изјасни до тој датум, новинарот ќе нема правосилна одлука за условен отпуст, а ќе има правосилна пресуда со затворска казна и ќе биде приморан да ги одлежи трите останати месеци.

Сепак, очекувано, со оглед на важноста на случајот, кој предизвика протести на новинарите, но и реакции на меѓународните организации, е дека апелациските судии деновиве ќе ја расчистат дилемата дали ќе го поддржат решението на понискиот суд и ќе го остават Кежаровски на слобода или пак, ќе ја прифатат жалбата на обвинителството што би значело враќање на новинарот во затвор.

 

 

Поврзани новости