Лицата кои се затекнаа во Дебар по прогласување на кризната состојба, а не живеат таму, според соодветна постапка, ќе може да ја напуштат Општината кога ќе заврши периодот на нивниот 14-дневен карантин, изјави на денешната редовна прес-конференција градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, кој раководи со Оперативниот штаб.
Тоа значи, објасни тој, дека остануваат уште четири до пет дена кога тие лица ќе бидат посетени од специјална екипа на здравствени работници, по што ако се биде во најдобар ред со нивното здравје, ќе може да заминат од Дебар.
По прогласувањето на кризната состојба во Дебар затекнати беа 110 лица, од нив 21 странски државјани, додека остантите се македонски државјани од другите градови во државава, но повеќето од подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше.
Дука оцени дека сите институции ја извршуваат нивната функција, но оти останува граѓаните да бидат поодговорни.
„Институциите за одржување на хигиената во градот функционираат нормално според оперативниот план, медицинските екипи прават сè што е можно, здравствената служба е на терен, а има и 24-часовно дежурство во Општата болница. Значи, одлично функционира, само се очекува од Вас граѓаните да бидете поодговорни, да не излегувате од вашите домови без неопходна потреба“, порача Дука.
Градоначалникот информираше за пристигната хуманитарна помош донирана од ЕСМ што се состои од 1 000 пакети со храна и 1 000 вреќи брашно од по 25 килограми. Од вкупната помош 300 се за Центар Жупа, останатите за општина Дебар.