Едно професорско место ќе биде празно, без разлика кој и да победи на претседателските избори. Сите тројца кандидати, кои се универзитетски професори по професија, велат дека ќе се вратат на своите професии доколку ги изгубат изборите и дека нема да ги продолжат своите кариери во политиката.
Во синоќешната дебата на ТВ Алсат М, Блерим Река, рече дека кандидатурата ја сфаќа како привремена екскурзија, но дека и покрај тоа смета оти ќе победи.
-Но нема да биде крај на светот ако не победам. Имав можност овие три недели да ја претставам мојата визија за оваа држава, да ја претставам мојата политичка филозофија. Ако не победам се враќам на мојата професија на универзитетски професор каде што се чувствувам многу комотно – додава тој.
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, вели дека освен на предавањата, повеќе време ќе посветува на јогата и рокенролот.
-Готово со политиката ќе биде, доста беше. Ќе им се вратам на студентите. Ќе комбинирам со јога и рокенрол, а на оној кој ќе победи ќе му го понудам моето знаење од оваа сфера – вели таа.
Пендаровски, пак, најавува повлекување од политиката бидејќи му е ова втор пат да се кандидира за претседател.
-Ако не успеам и овој пат се повлекувам од политиката, затоа што немам повеќе нерви да се обидувам ако моите концепти не поминуваат. Едвај чекам како претседател полицијата стварно да ме казни, бидејќи тоа ќе биде сигурен доказ дека Македонија е правна држава – рече тој.