Еден од поголемите ризици за македонската економија може да биде движењето на германската економија, но гувернерката Анита Ангеловска Бежоска порача дека земјава не е директно изложена на ризиците од трговските тензии меѓу Кина и САД, иако би можела да претрпи промени ако биде погодена економијата на Германија како наш најголем трговски партнер.
Во услови кога Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намалува проекцијата за глобалниот раст, по втор пат годинава ја зголемува проекцијата за растот на македонската економија. Ова значи дека изгледите за растот на македонската економија се добри, а уште побитно е дека зборуваме за раст кој се должи на добри резултати во сите економски сектори, рече во интервју за Гласот на Америка, министерката за финансии Нина Ангеловска, која учествува на Годишните средби на Светска банка и ММФ во Вашингтон.
Во однос на глобалните економски движења министерката посочува дека македонската економија е мала и отворена и затоа будно се следат движењата на глобално ниво.
-Ние имаме извоз кон Европа од 82 проценти, од друга страна извозот кон Германија учествува во портфолиото со 49 проценти. Меѓутоа ако ги погледнеме актуелните бројки во периодот јануари – август извозот кон Германија бележи 20 проценти раст, исто така растот кон ЕУ бележи раст од 13 проценти. Можеме да кажеме дека кон Германија имаме нееластична побарувачка, бидејќи тоа се договори кои македонските компании ги имаат направено на подолг рок. Важно е да ги следиме движењата. За нас како мала и отворена земја е важно да се следат мерките и политиките на глобално ниво. Треба да сме флексибилни да се адпатираме и да применуваме мерки кои што ќе овоможат да растеме и еве тоа сме го докажале со резултати кои ги имаме во економскиот раст оваа година, рече Ангеловска.
ММФ во вчерашниот извештај ја ревидира стапката на раст за македонската економија годинава од три во априлската прогноза на 3,2 проценти. За наредната година ММФ предвидува раст од 3,4 отсто, а до 2024 година 3,5 отсто.
Од земјите во регинот годинава најголем раст се прогнозира во Косово од 4,2 отсто, 3,5 отсто Србија, три отсто Црна Гора, Албанија и Хрватска. За наредната година се предвидува раст од четири отсто во Косово и Албанија, 3,5 во Србија, 2,7 во Хрватска, 2,5 во Црна Гора.
До 2024 годинаво во регионот растот ќе достигне до четири отсто во Србија, Албанија и Косово, БиХ три отсто, Црна Гора 2,9 и Хрватска два отсто.
ММФ ја намали прогнозата за растот на светската економија на три отсто, што е 0,2 процентни поени пониска од последната априлска прогноза.
На средбите во Вашингтон, делегацијата предводена од гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска -Бежовска и министерката Ангеловска, оствари повеќе работни состаноци со претставници на меѓународните финансиски институции и организации
Министерката за финансии Нина Ангеловска е оптимист. Вели добро било тоа што Меѓународниот монетарен фонд во услови кога ја намалува проекцијата за глобалниот економски раст, ги зголемува очекувањата за Македонија. ММФ ја ревидираше проекцијата за раст на БДП на земјава од 3% на 3.2%.
ММФ проектира дека поголем економски раст од Македонија ќе имаат Косово и Србија, а помал Црна Гора, Албанија и Хрватска. Инаку гувернерката и министерката за финансии деновиве присуствуваат на редовните годишни средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон.