Ако АA влезе во Владата, „огнените“ ќе прават фракција во ДУИ!

by Фокус

Ако Алијанса за Албанците стане дел од Владата, тогаш ќе ја реализираме најавата за формирање на фракција во ДУИ, вели за „Фокус“ еден од фротмените на таканаречената „огнена група“, која успеа да издејствува формирање на партиски органи, но се уште се „бори“ за другите цели, вклучително и за отстранување на Артан Груби од вицепремиерската и министерската позиција.

Нема никаква логика и причина АА да влезе во владата, бидејќи што се однесува до крупните процеси поврзани со интеграциите, тие велат дека ќе дадат поддршка и од опозиција – вели тој, додавајќи дека, според него, главната причина за засилување на мнозинството е да се амортизира токму нивното влијание и на тој начин да се „спасат“ сегашните министри од редовите на „интегративците“.

Откако „Фокус“ вчера објави дека сериозно се работи на проширување на парламентарното мнозинство со Алијанса, и покрај тоа што официјално сите страни негираа, денес стигна информација дека в.д. претседателот на АА Арбен Таравари ќе оди на средба во владата со премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.

Според нашите информации, првичните контакти во таа насока се направени од страна на Кренар Лога од Струга, близок до Зијадин Села, кој имал одредени разговори со дел од раководството на ДУИ на чело со Али Ахмети, кој сака да го намали влијанието на пратеникот и партиски потпретседател Изет Меџити, еден од предводниците на„огнената група“.

Инаку, Меџити контролира најмалку уште еден пратеник (Мерита Коџаџику), има и блиски релации со независниот пратеник Кастриот Реџепи, како и комуникација со Скендер Реџепи и со уште неколку пратеници, што значително го факторизира во ситуација кога Владата се потпира на мнозинство од 64 пратеници.

Исто така, одредени информации велат дека и партиското раководство на СДСМ гледа свој интерес во зголемувањето на мнозинството. Од една страна, тоа ќе донесе поголема комоција, со оглед дека Диме Велковски беше дистанциран откако не гласаше за „францускиот предлог“, а некои „помали“ коалициски партнери постојано се издвојуваат со поинакви ставови за разни прашања.

Воедно, упатените наведуваат уште една причина. Имено, на Бихаќка сакаат да создадат поволен терен доколку одлучат да ги спроведат намерите за поголема владина реконструкција, што може да предизвика потреси и во пратеничката група. Во тој контекст, се говори дека најкомпликувана е ситуацијата околу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој има влијание врз неколку пратеници, кое би било намалено со трансферот на Алијанса.

Денешната средба на Таравари и Ковачевски доаѓа еден ден пред утрешната седница на Централното претседателство на ДУИ, на кое треба да продолжи дебатата околу отчетот на работата на министрите, при што најмногу на тапет на „огнените“ е Груби. Како што неофицијално дознаваме, тој дал отчет на околу 70 страни, кој Ахмети инсистирал да биде лиферуван до медиумите, но Меџити се спротивставил на тоа, па внатрепартиската дебата ќе продолжи.

Влатко Стојановски

Поврзани новости