Кој е Славко, двојникот на Шербеџија: Цела редица народ чекаше на сликање со мене, иако им кажував дека не сум Раде!

by Fokus

Регионалниот и светски познат актер Раде Шербеџија (76) присуствуваше на отворањето на нова канцеларија на Левица во Ѓорче Петров, а го придружуваше лидерот на партијата, пратеникот Димитар Апасиев – вест која денес ги обиколи социјалните мрежи, а се објави и во голем број на електронски медиуми, покрај фотографија од настанот. -Од каде Раде со Апасиев? Што се готви во Левица? – се редеа прашања од изненадената јавност.

Но, на оние кои внимателно ја погледнале фотографијата, јасно им беше дека човекот за кој многумина помислиле дека е Шербеџија, всушност личи на него, но доколку бил фотографиран пред две децении.

Имено, човекот за кого може на прв поглед да се каже дека е двојник на легендарниот актер, всушност е Славко Митевски (56) од Скопје. Тој е советник од редовите на Левица во Општина Карпош, а имиџот како на Шербеџија, со брада, подолга коса, шешир и шал, го има веќе десеттина години.

За ,,Фокус” тој вели дека денешниот настан, кога се најде во центарот на вниманието на домашната јавност, бил нешто кое постојано му се случува, па на крај целата случка му била смешна. -Веќе десеттина години сум со овој имиџ.

Раде не ми беше инспирација, случајно беше со редослед на настани и многу луѓе влијаеа на мојот изглед – вели Славко. Инаку, како што вели за себе, по вокација е даскал, но со мало искуство со деца, иако многу сакал да работи со нив. Работел година ипол со децата во Домот 11-ти Октомври, а политички бил активен во Левица долги години. Околу тоа дека поради сличноста со Шербеџија често му се случувало луѓе да го запрат, па дури и да не му веруваат кога им кажувал дека тој не е славниот актер, вели дека има многу анегдоти. –

Имав случка во Книн, Хрватска, кога редици луѓе сакаа да се сликаат со мене, иако им појаснив дека не сум Раде. После веста, влегов во локал, каде се испосликав со многу гости – се смее двојникот на актерот.

Приватно, вели дека има среќен и исполнет живот, сопруга и две деца, 30-годишен син и 28-годишна ќерка. Роден бил во Карпош, таму го поминал животот, а за секој петок пуштал музика во бифе Тафталиџе.

За Шербеџија вели дека според него е цар, и би сакал да биде близу до неговото влијание на луѓето во Македонија. -Мојот политички активизам во Левица е веќе долгогодишен и мојата борба за правда и работнички права верувам дека и Раде ќе ја подржи- ни изјави Славко, кој денес случајно го украде вниманието на јавноста.

Вики Клинчарова

Поврзани новости