Аки починал во Словенија, каде што се пресели поради партнерката Барбара

by Fokus

Дамир Осредечки, менаџер на легендарниот пејач Аки Рахимовски (67), за хрватските медиуми откри дека Рахимовски починал во Ново Место, Словенија. Според неговата изјава, на пејачот утрово му се слошило, по што бил пренесен во тамошната болница, а по неколку часа му јавиле дека починал.

Причината за смртта се уште не е позната, но не е тајна дека Аки пред четири години доживеа мозочен удар од кој закрепнуваше со месеци. Откако повторно им се врати на настапите, изјави дека нема повеќе алкохол и цигари, и започнал да води здрав живот. Фронтменот на ,,Парни ваљак” изминатите четири години, по преживеаниот мозочен удар ги помина во Словенија.

Причината за преселбата од Хрватска во Словенија беше Барбара Весел, 27 години помладата партнерка на музичарот, со која пред три години ја добија ќерката Антонија, на која Аки целосно и се посветил. За Барбара малку се знаеше во јавност. Живеела во Ново Место и по професија била здравствен техничар. Исто така, до пред раѓањето на ќерката, таа имала кафуле во Ново Место, кое потоа го затворила и се посветила на мајчинството.

Врската со неа, и тоа што Рахимовски стана татко на 64 години, беше изненадување за јавноста, бидејќи тој постојано раскажуваше дека живее во љубов со Ингрид, која беше негова втора сопруга и со која беа во брак околу 40 години. Кога се разделил од Ингрид, со која ја имаат ќерката Едина, и дали Барбара била причината за разделбата, Рахимовски никогаш не откри, но последните години од животот ги помина со неа, во семејна куќа во која живеела и нејзината мајка Розалија.

Од првиот брак пак, Аки го има синот Кристијан, кој исто така е музичар. И покрај тоа што во хрватските медиуми често се пишуваше за несогласувањата помеѓу Кристијан и Аки, тој во минатото изјави дека сепак Кристијан е негова крв од која не може да побегне. Веста за смртта на музичарот денес го обиколи регионот. Со ,,Парни ваљак” сними 17 албуми и остави многу хитови зад себе.

Фото – П. Глебов, С. Симуновиќ

Вики Клинчарова

Поврзани новости