Лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, се произнесе по сѐ побројните повици во етничката aлбанска заедница за федерализација, нарекувајќи ја идејата непрактична.
Не може да се направи федерализација на една земја во која не се знае каде да се постават границите, каде што не се знае каде почнува една заедница а каде завршува другата, вели претседателот на ДУИ, Али Ахмети кој пред неколку дена беше гостин на емисијата „Животот во Косово“, на порталот kallxo.com, која се пренесува на јавниот сервис на Косово.
„За да се влезе во такви теми треба да се познава конфигурацијата на земјата, нејзината географија, треба да ги познаваш населените места. Подобро решение од Охридскиот договор кој ги решава овие проблеми, кој овозможува двете заедници да бидат еднакви е најдобро политичко и законско решение за оваа земја. Како е можно да се формира федерација или конфедерација кога треба да постојат определена граница и територија“, изјави Ахмети.
Според Ахмети, поделбата на Македонија на две федерални единици би билa проблематична, бидејќи многу луѓе живеат во етнички мешани средини.