Ахмети: СЈО професионално да си ја заврши работата

by fokus

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека очекува Специјалното јавно обвинителство (СЈО) професионално да ја заврши својата работа.

-Јас очекував и очекувам Специјалното јавно обвинителство да ја заврши професионално својата работа, очекувам да е независно и да не зазема страна и да поддржува одредена групација и јас очекувам овде да се отсликува и рефлектира правната држава, да доминира државноста и правото. Ако зазема еднострана насока сигурно ова ќе биде многу штетно за државата, вели Ахмети за Радио Слободна Европа.

Тој додава дека се уште е рано за да ја оцени нивната работа, односно да заклучи дали заземале нечија страна.

-Јас се уште немам некаква проценка во овој момент, сигурно во вистинскиот момент ќе повикам луѓе што ја следат целата ситуација и тогаш ќе го слушнам нивното мислење.

На прашањето дали се плаши дека СДСМ може да им одземе гласови на претстојните парламетарни избори, Ахмети вели дека воопшто не е загрижен.

-Не, не апсолутно не сме загрижени. Мислиме дека СДСМ нема да добие ништо со овие акробации, да ги наречам организациски, или пак со овие пораки за граѓански партии, бидејќи е изненаден и самиот албански електорат од каде излегоа тие како спасители. Значи, Демократската унија за интеграции воопшто не е загрижена. Ова што се размислува за граѓанска политичка партија ќе дојде време во иднина и не може да се избегне од овој пат. Но ова може да се случи по една или две децении, во иднината. Сега имаме многу работа во насока на рамноправноста меѓу двете најголеми заедници, вели Ахмети.

 

Поврзани новости