Ахмети: Преспанскиот договор и Законот за јазиците заедно ќе стапат на сила

by fokus

Демократската унија за интеграција (ДУИ), вечерва на плоштадот „Скендербег” во Скопје го одржа централниот собир за референдумот на 30 септември.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на собирот рече дека приоритети ни беа НАТО и ЕУ, а приоритет над приоритетите ни беше спроведувањето на Рамковниот договор.

– Се приближуваме до финализирање на овој договор, особено на последниот акт за употреба на јазиците, што е последен негов дел. Чекаме заедно со одлуката за Преспанскиот договор, претседателот на Собранието да потпише две главни решенија – законот за јазиците и Преспанскиот договор за потоа да бидат објавени во Службен весник и да стапат во сила, рече во обраќањето пред граѓаните Ахмети.

Според него, 30 септември е неповторлив исторски момент, бидејќи се носи одлука за европската иднина на земјата.

– На 30 септември го ставаме камен-темелникот на европската иднина на земјата. Ние донесовме важни, храбри одлуки за да го направиме нашиот народ горд пред овој историски ден пред нас. На 30 септември, се гласа за држава, иднина, економија, инвестиции, иднината на идните генерации и векови што следат. На 30 септември, нема друга алтернатива освен НАТО и ЕУ, истакна Ахмети.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери рече дека сите сме сведоци на една невидена дипломатска активност со бројни пораки за поддршка на договорот меѓу Грција и Македонија.

Поврзани новости