Ахмети подготвен да разговара за обештетување на бранителите

by fokus

Лидерот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов денеска изјави дека на вчерашната средба со коалициските партнери од СДСМ разговарале за иницијативата што ја поднеле до Владата, за да се донесе одлука за обештетување на бранителите од 2001 година.

Тој рече дека од страна на премиерот Димитар Ковачевски добиле поддршка за иницијативата, а лидерот на ДУИ, Али Ахмети е подготвен за истата да разговара.

-На вчерашната коалициска средба меѓудругото разговаравме и за проблемот кој што ги мачи 15-тина семејства на загинати бранители како и 30-тина воени инвалиди. Претходно, и од премиерот и од клучните министри имавме поддршка, со тоа што оваа иницијатива во следните денови ќе биде сериозно разгледана и се надевам на позитивно решение во разумен временски рок. Значајно е да истакнеме дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети е подготвен за разговори во врска со оваа наша иницијатива, рече Ангелов.

Тој изрази благодарност и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и пратеникот Драган Ковачки кои пред неполн месец поднесоа предлог законски измени за воведување симболични права за бранителите кои се бореле во 2001 година.

Ангелов заклучи дека е оптимист дека оваа иницијатива ќе биде прифатена од Владата, но како што рече, доколку Владата ја отфрли иницијативата на Достоинство, истиот ден ќе ја напуштат владината коалиција.

Поврзани новости