Евроамбасадорот Аиво Орав денеска се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со кого како што рече, разменил мислења пред објавувањето на извештајот за напредокот на Македонија од Комисијата за проширување на Европската Унија.
Од ДУИ соопштија дека Ахмети и Орав разговарале за политичките случувања во земјата, за законските измени, за извештајот за напредокот, за судскиот процес „Монструм“ и за други теми.
За случајот „Монструм“, Ахмети побарал поддршка од меѓународната заедница за изготвување на меѓународна експертиза на доказите, но и изразил загриженост во врска со одложувањето на постапката во првостепениот суд.
Ахмети проценил и дека не постојат образложенија на опозицијата за бојкот на Парламентот и дека СДСМ и ДПА треба да го почитуваат својот дел од одговорноста за иднината на земјата и да се вратат во Парламентот што е можно поскоро.