Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, порача дека најверојатно нема да има поместување на веќе договорениот датум за предвремени парламентарни избори 12 април.
– Не сметам дека ќе има поместување на датумот за организирање на предвремените избори на 12 април. Овој датум е консензуално донесен од страна на сите политички партии. Сите веќе ги имаме отпочнато подготовките за одржување на избори на 12 април – изјави Ахмети.
Тој додаде дека неговата партија останува на ставот дека изборниот модел не треба да се менува само неколку месеци пред изборите.
– Времето не дозволува да влеземе во вакви измени на Изборниот законик, бидејќи имаме многу големи разлики како политички партии што ќе ја комплицира ситуацијата, а тоа не би било во полза ниту за партиите, ниту за државата – порача лидерот на ДУИ.